Коментар на 5.коло: Струга ТЛ и Силекс си “газат“, Работнички конечно постигна гол, хитот на колото е Арсими!

186
ФОТО: FC Struga TL/FB

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Изминатите денови на програмата беше 5.коло во тековната 2025/26 сезона. Пет домашни, очекувани победи и само една гостинска, но каква?

Арсими среде Битола со ефектни 0:4 успеа да го демолира Пелистер под светлоста на рефлекторите на “Петар Милошевски“. Никој ама баш никој не очекуваше таков резултат. Победата на Арсими не е изненадување, туку сензација е начинот на кој тимот од Чегране дојде до неа.

Пелистер беше шокиран, ова дефинитивно и тоа како ќе влијае на двете екипи. Негативно за битолчани, секако позитивно за сите во таборот на Арсими.

Само Струга ТЛ и Силекс се со максимални “пет од пет“. Шампионот од сезоните 2022/23 и 2023/24 и тоа како има силовит старт. Тиквеш без никакви проблеми беше решен со 3:0, а можеше и поубедливо. Кавадарчани и така се во “ногдаун“ поради сите оние случувања со турскиот спонзор па ваква победа и беше очекувана.

Басиру Компаоре во првите пет кола е убедливо најдобриот поединец во новата сезона со седум голови. Сепак дали е Струга ТЛ толку моќна како до пред две години ќе видиме веќе во среда кога ја дочекува Шкендија во големото дерби.

За разлиика од Струга ТЛ, Силекс имаше проблеми со Работнички, тим кој дури во својот четврти меч успеа да го постигне својот прв гол сезонава. Велиме имаа проблеми кратовци ако се потсетиме на зицерите на Кадриу во Кратово. Овој меч малку недостигаше да оди во друг правец, сепак на крајот Силекс успеа да дојде до трите бода.

Вардар и Шкендија против Македонија ЃП и Башкими не блескаа, ама победија и освоија три нови бода. Велат дека големите клубови победуваат и кога не играат како што можат и како што знаат. Но сега кој се сеќава како играле избраниците на Седлоски и Беќири, никој. Се бројат бодовите и победите.

Тоа е најважно.

Ако Шкендија успее да го добие Работнички во заостанатиот меч од 4.коло, тогаш уште сега и дефинитивно ќе се издвојат Струга ТЛ, Силекс (15 бодови), Вардар, Шкендија (13 бодови) како претенденти за највисок пласман.

Доволни беа само пет кола за да се остварат прогнизите дека шампионот за оваа 2025/26 сезона ќе се бара меѓу овие четири екипи.

Веќе утре стартува и 6.коло во ПМФЛ.

ПретходноНишто ново, Дуплантис со нов светски рекорд
СледноРеал за утрешниот меч посилен за Белингам и Камавинга