Македонската женска кошаркарска репрезентација денеска (18 часот) и гостува на Хрватска во рамките на третиот квалификациски меч за ЕП 2027. Нашата група е изедначена, сите селекции имаат по три бода.
„Покажавме сите до една, како треба да се бори за националниот дрес. Можеби во дадени моменти не не посака среќата. не погодивме некои отворени шутеви. Но сето тоа останува зад нас. Фокусирани сме на наредниот натпревар. И да се обидеме да дојдеме до победа на гостувањето во Хрватска“– порача нашата најдобра кошаркарка пред заминувањето за Славонски Брод и продолжи:
„Колку што знаеме селекцијата на Хрватска е влезена во проблеми со повреди. Нивниот најдобар играч се повреди на средбата со Грција, па репрезентацијата на Данска го искористи тоа, и победи овде во Славонски Брод. Сметам дека и ние треба да го искористиме тој момент, секако, под услов да се со истиот ростер“ – смета капитенот Анџелика Митрашиновиќ.
Има доста позитивни назнаки во играта на нашата женска сениорска репрезентација за што доказ се и добрите игри на овие први два натпревари?
„Мислам дека тоа го покажавме и во претходниот циклус, на оној меч со Украина на гостински терен. Покажавме дека имаме некој победнички менталитет. Но, едноставно во некои моменти ни недостасуваа таа среќа. Можеби ни недостасува и малку подобра ротација. Секако, доаѓаат нови генерации, некои нови девојки, кои се надевам дека ќе направат некои нови, поголеми успеси, кои ќе се борат дополнително, многу повеќе Се надевам дека ние ќе оставиме некој пример и ќе бидеме идоли на младите генерации, како тоа треба да го прават понатаму“.










