Митревски: Сакаме триумф за кревање на формата и самодовербата

27

Кошаркарите на Пелистер вечерва (19 часот, сала „Боро Чурлевски“) ја завршуваат премиерната сезона во ФИБА натпреварувањата, како домаќини на кипарскиот претставник Керавност. Првиот дуел меѓу овие два тима заврши со триумф на Керавнос од 99-86, пред се благодарение на првата четвртина во која противникот постигна 39 поени. Сепак, таа лекција е научена, а „пелистерци“ се решени со далеку подобро издание во одбраната да стигнат до посакуваниот резултат.

Шансите за пласман во следнната фаза се загубени, но сите во таборот на битолскиот клуб сакаат триумф за крај, со што би се освоило третото место во групата. Воедно, тој резултат би бил и „ветер во грб“ во пресрет на новите предизвици на македоннската кошаркарска сцена.

„Играме меч што нема некоја посебна резултатска важност, но е многу значаен за нас, за кревање на формата и на самодовербатa. Треба да излеземе на терен и да ја завршиме оваа европска сезона со победа, тоа е желба на сите во тимот и ќе сториме се за тоа да се случи. Мораме да бидеме фокусирани во текот на сите 40 минути, Керавнос на првиот меч покажа дека знае да го казни секое опуштање, но верувам дека таа лекција е научена, дека сите играчи ќе го дадат својот максимум и ќе се радуваме на крајот“, изјави Андреј Митревски.

Македонскиот репрезентативец верува дека големата победа во Куманово ќе ја крене уште повеќе формата во таборот на „пелистерци“.

„Ни беше многу важно да славиме на еден таков меч и тој триумф во Куманово е исклучително значаен, покажавме дека знаеме и можеме да одиграме на високо ниво и во одбрана и во напад, на гостување против силен ривал. Доколку ја повториме играта од второто полувреме во Куманово, верувам дека ќе ја оствариме нашата втора европска победа сезонава“, оптимист е Миревски во пресрет на вечерашниот дуел

ПретходноАшаданов: Голем хендикеп беше болеста на Митрашиновиќ која примаше инфузии
СледноДик Адвокат е најстариот селектор кој ќе предводи репрезентација на Мундијал