ПМФЛ: Шкендија на “мускули“ до победа против Работнички! (ВИДЕО)

1
ФОТО: KF Shkëndija/FB

Шкендија – Работнички 1:0 е исходот од последниот меч од 15.коло во ПМФЛ, одигран попладнево во Тетово. Шкендија едвај победи, а Работнички и натаму реди порази, втор под водство на новиот стратег Ален Тупајиќ.

Се очекуваше Шкендија полесно да дојде до победата, сепак забележливо е дека шампионот е “исцеден“, дека е далеку од својата посакувана форма. За тетовци најважно е што ги освоија тие три бода, па така сега имаат -6 бода во однос на Вардар и -5 во однос на Струга ТЛ.

Уште на стартот тетовци покажаа дека ги интересира само победа, три бода и ништо друго. Бесарт Ибраими во 3.минута се најде во изгледна ситуација, но голманот на гостите Василев, одлично одбрани. Две минути подоцна Шкендија дојде до водство. Трумчи од десната страна убаво го проигра Тамба, кој со максимално прецизен шут под пречката постигна убав гол за 1:0 за Шкендија.

 

Домашните и покрај раното водство ја имаа иницијативата, беа подобар ривал, но со тие 1:0 се замина пауза. Ибраими во 25.минута повторно се закани, но и сега немаше негов гол.

Во последните минути од првиот дел, Работнички се “отвори“, направи и притисок врз домашниот гол. Во таа 39.минута за малку израмнувње. Имери од десно биеше силно, но домашниот голман Гаје беше на своето место.

ТАМБА ВО СТИЛОТ НА МАРАДОНА, АМА ДОБИ ЖОЛТ КАРТОН

Во продолжение од средбата, во тие почетни минути од второто полувреме игра со многу грешки на двете страни. Во таа 52.минута интересен момент. Тамба, во стилот на Марадона и таа “Божја рака“ од СП 1986, постигна гол со рака, судијата Јован Качевски целата ситуција убаво ја виде. Секако дека го поништи голот и му покажа на напаѓачот на Шкендија жолт картон, без разлика што Тамба се извини за овој негов потег.

Треба да се каже дека во оваа фаза од мечот Шкендија не беше на своето ниво, Работнички беше тој што тргна беше поагресивен, поенергичен во поле, едноставно гостите посакуваа гол за израмнување. Кадриу во 63.минута упати удар, но Гаје одново беше на своето место.

Во 73.минута крајно непријатна ситуација. Една силна топка заврши во главата на гостинскиот напаѓач Трајков, кој падна на теренот и веднаш му беше укажана лекарска помош. Во прв момент делуваше страшно, но по укажаната помош младиот фудбалер стана, се виде дека се е во ред, но секако дека беше повлечен од игра младинскиот репрезентативец на Македонија. При напуштање на теренот Трајков доби аплауз од тетовската публика.

Следуваше шансата на Тамба, во таа 80.минута, но Василев одново успеа да го спаси својот гол. Кадриу во 86.минута постигна гол за 1:1, но тој гол беше поништен поради офсајд.

Па така на крајот резултатот гласеше 1:0 за Шкендија.

ПретходноИ Словенците ќе имаат нов селектор: Матјаж Кек не доби нов договор!