Беќири:Очекував 3-4 бода повеќе, настапите во Европа имаа големо влијание врз резултатите во ПМФЛ

96
ФОТО: KF Shkëndija/FB

Актуелниот првак во ПМФЛ Шкендија, есенскиот дел од сезоната го заврши на третата позиција на табелата, со заостанување од шест бодови од првото место на Вардар, и пет од втората позиција на Струга ТЛ.

Тренерот на тетовските „црвено-црни“ Јетон Беќири смета дека неговиот тим требало да има 3-4 бодови повеќе, односно да биде поблиску до водечките два тима Вардар и Струга ТЛ, но и дека европската есен и настапите во групата во Лигата на Конференции имале влијание врз играте и резултатите на тетовската екипа.

Што се однесува до бодовното салдо, очекував 3-4 бодови повеќе. Исто така и европската есен, концентрацијата на играчите кон настапите во Лигата на Конференции, сето ова има влијание. Исто така би сакал да истакнам дека имаше 2-3 грешки на наша штета и тие влијаеа на конечната табела. Сепак, ние ќе се концентрираме максимално на првенството во пролетниот дел, има уште 17 меча да се играат и сметам се е отворено, иако Вардар и Струга имаат бодовна предност и се добри екипи. Се надеваме дека ќе играме многу подобро и ќе имаме многу подобри резултати и во првенството и во Купот во вториот дел од сезоната“, рече Беќири.

Околу зимските подготовки и преодниот рок, тренерот Беќири истакна дека тимот ќе се засили, но можно е и неколку играчи да бидат продадени со оглед на интересот по успешната европска есен.

Тимот секако ќе се засили. Веќе имаме прелиминарни разговори со некои играчи. Сега и играчите на Шкендија ќе бидат барани на пазарот со оглед на успешните европски настапи, па можеби и некој ќе се продаде. Но, во секој случај мислам дека ќе имаме квалитетна екипа за вториот дел од сезоната“, заклучи Беќири.

ПретходноРК Пелистер со свечена академија и ревијален меч на ветераните за крај на 2025! (ФОТО)
СледноСкандалозно: Реал Мадрид прима гол а Вини, Ендрик, Ѓулер на клупата се “утепаа“ од смеење! (ВИДЕО)