Фудбалската репрезентацијата на Македонија утре ќе ги добие противниците за претстојното издание на Лигата на нации во кое нашата селекција за прв пат во историјата ќе биде дел од Б сегментот на ова натпреварување.
Токму овие дуели ќе бидат нов предизвик за оваа генерација на играчи, но и одлична можност за селекторот Гоце Седлоски да ја подготви репрезентацијата за квалификациите за Европското првенство кои почнуваат во 2027 година.
“Репрезентациите од првиот и вториот шешир објективно влегуваат како фаворити, со оглед на нивниот рејтинг, искуство и континуитет на големи натпреварувања. Но, тоа не значи дека однапред се знае исходот. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, да го наметнеме нашиот стил и да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б. Ќе ги почитуваме сите противници, но најмногу ќе веруваме во себе. Ако бидеме организирани и фокусирани од првата до последната минута, можеме да бидеме незгоден противник за секого. Овој циклус го гледаме како нов чекор за напредок на репрезентацијата и шанса дополнително да го потврдиме нашиот квалитет. Верувам дека репрезентацијата ќе расте низ циклусот натпревари во Лига Б и дека имаме стабилна основа за позитивни резултати”, рече пред жрепката предводникот на националниот тим.
Жрепката ќе се одржи утре во Брисел со почеток во 18 часот, Македонија е дел од четвртиот сад во кој се наоѓаат уште селекциите на Шведска, Северна Ирска и Косово.
Статус на носители имаат Шкотска, Унгарија, Полска и Израел, во вториот сад сместени се Швајцарија, Босна и Херцеговина, Австрија и Украина, а во третиот се наоѓаат Словенија, Грузија, Република Ирска и Романија.










