Шампионот ја доби драмата во Негорци: Во село или град МЗТ е на прав пат!

97

Во драматична завршница, кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до победа над ТФТ со 69:70 во големото дерби на 18. коло во домашниот кошаркарски шампионат. Мечот ТФТ го закажа во Негорски Бањи, но очигледно и тоа не им пречеше на шампионите да дојдат до нова победа со која го преземаат врвот на табелата.

На стартот на дуелот двата тима беа израмнети и по првите 10 минути МЗТ Скопје успеа да направи предност од пет поени (12:17), која брзо беше анулирана на стартот на вториот период, во кој ТФТ издоминира и на пауза замина со предност од 33:29.

Третиот период повторно им припадна на момците на ТФТ. Успеаваа да одржат резултатска предност и да влезат во решавачките 10 минути со предност од 6 поени (52:46). Сепак, МЗТ Скопје кога беше најпотребно успеа да ја стабилизира играта во нападот, брзо успеа да го скрши противникот и да премине во напад кој на средина на четвртината им донесе израмнување (57:57), а потоа со тројката на Дамјан Стојановски и водство (57:60). До крајот на мечот момците на Васко Атанасов успеаја да направат предност од 5-6 поени, но во завршницата ТФТ се врати. При резултат 69:69 и напад за ТФТ, Дејвис прокоцка напад за победа, па во завршните пет секунди, Ташовски направи прекршок кој им донесе две слободни фрлања на гостите. Смит успеа да го погоди првото и на три секунди до крајот го промаши второто, по што ТФТ немаше време да дојде до евентуално кош за победа.

Гил со 16 и Смит со 13 поени беа најефикасни кај шампионот, додека кај ТФТ, Дејвис постигна 21 поен, додека Говенс застана на 15.

ПретходноСудии за ПМФЛ: Качевски на “центарот“ во Кратово, Трпчевски ќе суди утре на Арената
СледноПознати се новите правила кои ФИФА ги воведува за Мундијалот