Македонската А репрезентација продолжува со подготовките за следниот предизвик, гостувањето кај Република Ирска на 31 март во Даблин. По натпреварот со Данска, репрезентативците се фокусирани на корекција на грешките и подигнување на формата пред новиот дуел.
Љупче Дориев смета дека тимот одиграл квалитетно прво полувреме против Данска, но дека еден неочекуван момент го променил текот на натпреварот.
“Мислам дека одигравме многу добро прво полувреме против Данска, но потоа се случи еден брз и неочекуван гол. Тоа беше на самиот почеток на второто полувреме и малку нè дестабилизираше. Се виде дека влеговме во шок и кратка деконцентрација, што противникот го искористи. Станува збор за квалитетна репрезентација, но од наша страна продолжуваме понатаму.
Нè очекува натпревар со Ирска и треба да гледаме напред, со кренати глави и со атмосфера на највисоко ниво. Верувам дека нè очекуваат добри натпревари. Ова е само почеток. Натпреварот со Данска беше прв со нов селектор, со нова визија и пристап. Имаме квалитет, само треба да го склопиме во целина“, изјави Дориев.










