Одличнно деби, настап за паметење и борбеност која е негов заштитен знак на секој натпревар. Преглед на игра, добра поставеност и секогаш на место! Тешко е да се помине Имран Фетаи на теренот, а уште потешко е да си голгетер и да имаш таков добар стопер кој ја има улогата да те чува. На „Авива“ арената во Даблин, Македонија го доби она што сите го очекуваа и многумина го знаеја. А тоа е стопер за наредните 10 години и фудбалер кој доаѓа во вистинско време со оглед на тоа дека Дарко Велковски и Висар Муслиу веќе не се тоа што беа некогаш.
Каде беше Имран Фетаи досега!? Лани во овие месеци водеше битка со Беса Добридол и не успеа да ја добие затоа што клубот му испадна во понизок ранг. Беше во фокусот на Вардар, пред трансфер во најголемиот клуб во земјава, но во тие недели на одлуки скопските „црвено-црни“ беа и се уште се во аргентински филм па се одлучија за „извонредниот“ и скап, Мануел Куестас наместо за Фетаи кој се одлучи да ја засили Шкендија. А со својот матичен клуб имаше блесок во Лигата на конференции каде дочека европска пролет, а еве сега и деби за пофалби во дресот со државниот грб.

Ова момче со 23 години изгина во Даблин и заедно со голманот Столе Димитриевски се најзаслужните за овие 0:0 кои не се бројат но се паметат по едни вакви настапи.
Колку ли само деца како Имран Фетаи постојат во нашиот фудбал но малкумина можат истите да ги видат!? Да ги осетат во право време и да им ја дадат шансата.















