Со првиот натпревар вечерва (18 ч.) меѓу екипите на Наковски Волеј и Работнички, стартува големото финале во домашното одбојкарско првенство во женска конкуренција. Струмичанки кои беа најдобри во регуларниот дел од сезоната ќе ја имаат предноста на домашниот терен и ќе се обидат уште вечерва да стартуваат со предност.
Финалната серија се игра до три победи, а во неа Наковски Волеј влезе по елиминацијата на актуелниот бранител на трофејот, Јанта Волеј КВ. Струмичанки во полуфиналната серија славеа над скопскиот состав со 2:0 со две победи на домашен и гостински терен.
Истиот резултат во полуфиналето го имаше и Работнички Скопје кој прв го потврди своето место во финалето на плејофот, откако двапати беше подобар од годинава одличниот тим на Младост УГД од Штип.
Работнички е минатогодишен финалист во плеј-офот, додека Наковски Волеј за првпат ќе се бори за титулата.










