Силекс – Шкендија 1:1 е исходот од мечот во Кратово од 30.коло во ПМФЛ кој се одигра попладнево. Ндзенгуе донесе водство за гостите во 19,минута, а Мишов во 89. минута ги постави конечните 1:1. Реми со кое се чини дека на Вардар му се насмевнува титулата. Шкендија сега има -3 во однос на лидерот, но и меч повеќе. Вардар утре игра со Башкими и во случај на победа ќе има +6 на три кола до крајот.
И двете екипи, и Силекс и Шкендија, во среда ги очекуваат реванш натпреварите во 1/2 финалето во Купот на Македонија.
Инаку Шкендија подобро го започна мечот, поагресивно. Уште во 5.минута можеа тетовци да поведат, Ндзенгуе беше пред голот на домашните, топката удри во стативата а потоа голманот Џеков беше фаулиран.
Во 18.минута Љатифи се закани, но и сега Џеков беше на место. Само една минута подоцна, Шкендија поведе со голот на Ндзенгуе кој убаво се снајде пред домашниот гол и не му беше тешко да ја спроведе топката во мрежата на Силекс за 0:1.
Токму тој во таа 27.минута имаше зицер, се најде сам пред Џеков, но голманот на кратовци уште еднаш покажа дека е еден од најдобрите голмани во ПМФЛ. На другата страна, Анѓелески шутираше, но не успеа да го погоди голот на гостите.
Силекс можеше да израмни во 35.минута, кога по ударите на Донов и Димитриевски, Гаје беше одличен. И Пиреш се закани, но со шут над голот на тетовци, со што на пауза се замина со тие 0:1 за Шкендија.
Во продолжение од мечот, Силекс со сите сили тргна кон израмнување. Сепак не успеа, барем во првата фаза од второто полувреме, да дојде до шанса за гол. Имаше многу борба, многу стартови, а судијата Стојчевски ја смируваше ситуацијата со неколку жолти картони.
Потоа имаше ВАР реакција за пенал за Силекс, но судијата Стојчевски откако самиот ја прегледа ситуацијата неколку пати, покажа дека Љатифи сепак не играл со рака, па така ништо од пенал за кратовци.
Во 70.минута Силекс преку Пиреш имаше супер шанса, но неговиот шут со глава за малку беше непрецизен. Во следната минута Шкендија остана со играч помалку, откако Тамба заработи втор жолт, односно црвен.
Се играше 78.минута Пиреш имаше нова шанса, но и сега немаше гол за Силекс.
Сепак Силекс успеа да израмни и тоа во 89.минута и тоа со голот на Мишов, инаку првенец во дресот на кратовци за 1:1. Додев во 90.минута имаше супер шанса за водство, но неговиот шут заврши над голот на Гаје. На друга страна Алхасан можеше да стрела за 1:2, но сепак немаше гол за тетовци.















