ГРК Охрид со победа против Тиквеш се “загреа“ за историскиот реванш со Татабања!

85
ФОТО:facebook.com/hcohrid

Попладнево во салата “Билјанини Извори“ во Охрид, во меч од последното коло во плеј – офот во Суперлигата, ГРК Охрид како гостин славеше против домашниот Тиквеш со 22:29.

Охриѓани беа гости и тоа поради гестот на кавадарчани кои ја прифатија молбата на ГРК Охрид овој меч да се игра во Охрид од познати причини. Се со цел четата на стратегот Борис Ројевиќ да има поголем временски простор за да се подготвува за неделниот историски реванш со Татабања во финалето во ЕХФ Европскиот Куп.

Јасно беше дека против Тиквеш, Ројевиќ ќе оди на победа, но и максимално да ги сочува своите сили за в недела. Едноставно тимот се штедеше. Така и беше. Освоени се бодови за крај на сезоната во меч кој немаше којзнае какво резултатско значење, и сега сите се со мислите кон реваншот со Татабања каде се оди по историја, по првиот европски пехар на клубот. А шансите се тука, ако се знае дека на првиот меч во Унгарија нашиот претставник славеше со 29:28.

Кавадарчани одиграа коректен меч, сепак колку и да се трудеа се знае на која страна е квалитетот.

На енепниот меч со Тиквеш во првото полувреме беше 5:5, 8:8, 10:10, сепак на пауза се замина со водство на ГРК Охрид со 12:17.

Во продолжение од средбата големиот фаворит ја одржуваше предноста, за да на крај славеше со +7 голови разлика.

Кај Тиквеш Стојановски запиша 10 погодоци, беше најефикасен и на средбата, додека кај Охрид по четири голови постигнаа Јасухора, Совковски, Лиапис и Бојаниќ. Добра партија на голот имаше и Блажески со девет одбрани.

ПретходноТРЕНЕР НА КОЛОТО: Гоце Седлоски (Вардар)
СледноУ-19: Македонија со убедлив пораз од Словенија