Кошаркарките „Под 18“ стартуваа со подготовки за шампионатот во Тулчеа

39

Со првиот собир и тренинг во малата сала на СЦ „Кале“ во Скопје, избраничките на селекторот Виктор Петровски го означија почетокот на подготовките за континенталниот шампионат, на кој Македонија ќе настапи во групата „Д“ заедно со селекциите на Грција, Словачка, Данска и Велика Британија.

Стручниот штаб ќе располага со доволен период за да ја темпира формата на репрезентативките пред стартот на натпреварувањето во Романија, а веќе претстојниот викенд се закажани и првите контролни натпревари. Македонските јуниорки ќе одиграат два пријателски натпревари на гостински терен против соодветната селекција на Бугарија.

На списокот на селекторот Петровски се наоѓаат: Јана Пислевска, Теа Трајковска, Марија Димитровска, Дора Алексова, Вања Милосављевиќ, Теодора Мариновска, Нина Карајанова, Глорија Груевска, Ива Колева, Сиандра Зиба, Дарија Панкова, Лилјана Ѓорѓиева, Душица Мицева, Александра Богојевска, Сара Митановска и Ангелина Ангеловска.

По првиот тренинг, селекторот Виктор Петровски истакна дека најголемиот дел од репрезентативките веќе имаат заедничко искуство од настапот на неодамнешниот турнир во Романија.

„Овој ростер е речиси истиот што настапи на турнирот во Романија за репрезентации до 17 години, каде одигравме три натпревари кои ни беа исклучително корисни. Во овие неколку дена ќе го обновиме она што го работевме претходно, бидејќи веќе за викенд нè очекуваат и првите контролни натпревари. Согласно со планот, ќе одиграме два натпревари против јуниорската репрезентација на Бугарија на гостински терен.

Имаме доста млад состав, кој на Европското првенство ќе биде меѓу најмладите репрезентации. Недостатокот на искуство ќе се обидеме да го надополниме со брза и агресивна игра, како во текот на подготовките, така и на самиот шампионат во Романија“, изјави Петровски.

ПретходноЕпски пресврт на „Гаучосите“: Никогаш не го отпишувајте Меси! Никогаш не ја отпишувајте Аргентина!(ВИДЕО)
СледноВардарова трагедија во финска режија (ВИДЕО)