Нема ниту тренерска ФИФА ПРО-лиценца, нема ниту пасош од Аргентина, не е од градот на Лионел Меси и нема фото со него, но затоа пак е од селото на Артим Шаќири во Струга. Артим Положани, кој е на клупата на Шкендија, има повеќе победи од Кристијан Фабиани на Арената во Скопје, која е дом на Вардар и терен каде што тетовци ги играат европските натпревари.
Фалениот тренер од Аргентина има победа само над Брегалница на овој стадион, додека Положани славеше тука над Европа и Браво во Конференциската лига, а еве сега го „тепа“ и Вардар, пред важниот меч во четврток на истиот стадион против Хиберниан од Шкотска.
Но, пофалби за Положани за неговата мудра игра, тактика и подготвена екипа. Го прегази Вардар, кој со операцијата „плажа“ доби таков нокаут во неделата, по кој последиците ќе се рефлектираат со откази, шут-карти и казни во таборот на актуелниот првак.
Вистинска лекција по модерен фудбал стратегот на Шкендија му одржа на Фабијани, кој направи фатална грешка и им даде пет слободни дена на играчите по поразот од Рига. Наместо да се фокусираат на тренинзи и подготовка за Шкендија, тие ги окупираа плажите во соседните држави.
Таа „професионалност“ се виде вчера. Не можеа да одат фудбалерите на Вардар по 60. минута од натпреварот. Шкендија така го понижи Вардар на негов терен, а резултатот, наместо 0:2, можеше да биде и поубедлив со оглед на шансите и играта на теренот.
Како не треба (Вардар) и како треба (Шкендија), љубителите на фудбалот во земјава видоа во само 90 минути на натпреварот помеѓу двете најголеми екипи во моментов во земјава. Како се подготвува тим, како се селектираат играчи и како се игра на теренот…
Можеби грешката во Вардар е во „преведувачите“. Тешко оди преводот од она што го кажува тренерот до играчите. Хаваријата е веќе очигледна од многуте „зналци“ на клупата на Вардар, експресната елиминација од Европа, неубедливиот старт на сезоната и поразот дома од Шкендија, како и револтот кај навивачите – оние кои сè уште одат на стадион.
Денеска е пеколно жежок ден, а уште попеколно е во ФК Вардар АД Скопје.















