Малески го потона Вардар и го разгоре пожарот кај шампионот! (ВИДЕО)

1108

Продолжува кошмарот на актуелниот македонски фудбалски шампион, тимот на Вардар во новата ПМФЛ сезона.

Во рамките од третото коло денеска во Струга, тимот на Вардар загуби од домаќинот Трим Лум со конечни 1:0 и уште повеќе си ја продлабочи кризата во својот табор. По минатонеделниот пораз во дербито со Шкендија на свој терен, Вардар сега загуби и во второто дерби во само три кола.

Струга ТЛ од друга страна одлично си ја заврши задачата. Одигра фајтерски, на време постигна гол, одлично се одбрани по него и заслужено ги освои трите бода.

Човек на одлука Кристијан Малески кој погоди во 61. минута и ја валоризираше добрата домашна игра на овој меч.

Малески човек на одлука

Првиот дел од овој дуел мина во изедначена игра во која двата тима имаа по некоја ситуација. Папе Фал ги осуети двата обида на Вардар на стартот, пред Марјан Радески да погоди но од офсајд позиција. Следуваше неговиот обид од ситуација „еден на еден“ кога Талески одлично го затвори аголот и спаси гол. На спротивната страна Дарко Велковски со глава се обиде но право во Јовчевски.

По паузата, и како се намали температурата во Струга, домаќинот некако како подобро да се снајде.

Во 61. Минута акцијата од десно го однесе Кристијан Малески во убава позиција, во која тој уште подобро реагираше. Иако имаше добро поставен блок пред себе, тој шутираше така прецизно, силно и темпирано, што Талески не беше ниту близу до топката за да спаси.

Домашните поведоа, а Вардар со измените се обиде да направи нешто повеќе. Влегоа, Тодоровски, Данев, Маневски, Спахиу, излегоа Цветковски, Кастенада, Закариќ…. но сето ова донесе само спорадични прекини, и корнер ситуации.

Матиќ го тестира Јовчевски

Во 76. Минута по добро изведениот слободен удар на Давид Бабунски, Мислав Матиќ во улога на напаѓач прекрасно ја сафати топката со глава. Сепак, Јовчевски не случајно ја засили Струга ТЛ ова лето. Спасува чист гол и израмнување. Спахиу неколку минути подоцна повторно со глава имаше обид, но топката мина крај голот.

Во 84. Минута нововлезениот Пуелио нафрли ниско по земја оддесно, а по блокот топката стигна до Михаил Маневски. Овој шутираше но и тој над голот.

Талески спасува двојно домашно водство

Во 88. Минута кога Вардар тргна во тотална офанзива се создаде многу слободен простор на неговата половина. Тоа Струга ТЛ го искористи и Малески имаше одлична шанса преку контра напад. Овојпат Давор Талески беше поуспешен од него и спаси чист гол.

Во судиското продолжение Вардар тргна на се или ништо, а во тие моменти капитенот Азер Омерагиќ имаше два обиди, но и двата беа неуспешни.

Бабунски промаши изедначување

Во судиското продолжение од мечот беше досуден пенал за Вардар по домашното играње со рака во шеснаесетникот.

Одговорноста во овие клучни моменти ја презема Давид Бабунски, но искусниот играч на Вардар шутираше над голот, и ги остави трите бода во Струга.

 

ПретходноНеславно деби на Мареска: Арсенал го декласира Сити и го освои пехарот во “Комјунити Шилд“!
СледноСКАНДАЛ! Герсон си донел женска во карантин, го фатиле – го избркаа а Вардар си загуби