Сензационални 2:1 за Башкими против Струга ТЛ во последниот меч од 9.коло во ПМФЛ. Голема победа за кумановци, а стружани пропуштија со победа да се искачат на врвот на табелата. Струга ТЛ и во својот четврти меч како гостин сезонава не успеа да дојде до триумф. Ова е прва победа на Башкими против Струга ТЛ во меѓусебните дуели во ПМФЛ.
Гостите поведоа со голот на Диако, а стрелци за домашните беа Ор и Маимона за големи три бода.
Во 76.минута спорен момент. Дали Струга ТЛ беше оштетена? Хасан Сумер играше со рака во својот шеснаесетник, но судијата Стојанче Стојанов не покажа пенал за гостите, објаснувајќи дека раката на домашниот фудбалер била долу, на теренот.
Победа за Муарем Муарем на својот прв меч како тренер на Башкими, по враќањето во клубот од Куманово.
ДИАКО “ТРЕСЕ“ ЗА ВОДСТВО НА СТРУГА ТЛ
Струга ТЛ подобро го отвори мечот, одигра висок пресинг. Сепак тоа кусо траеше, а првата закана ја упати Бојку, но неговиот шут заврши покрај голот. Во 9.минута по една грешка на домашните малку недостигаше Радески да донесе водство за Струга ТЛ.
Од 15.минута домашните како да се “разбудија“, почнаа да напаѓаат да креираат шанси. Посебно проблеми правеше по таа лева страна Рибеиро, а Стафа, Ор и самиот Рибеиро можеа да донесат водство за кумановци, но Василев беше одличен на голот.
Се играше 26.минута кога по корнерот на Хамза, Диако успеа убаво да се снајде пред домашниот гол и да донесе водство за Струга ТЛ. Тоа водство траеше само осум минути кога по грешката на Рама, Ор успеа да израмни.
Па така со тие 1:1 се замина на пауза.
МАИМОНА СО УБАВ ГОЛ ЗА ЦЕЛОСЕН ПРЕСВРТ
Башкими и дефинитивно покажа дека не се шегува, разиграни кумановци и во почетокот на вториот дел. И во 50.минута Маимона од лево успеа да постигне убав гол за 2:1 за Башкими, за еуфорија на стадионот во Куманово.
Ова беше знак дека Струга ТЛ по секоја цена мора да тргне во напад, така и беше, имаше убава шанса преку Воша за израмнување, но ништо од тоа. Во тие моменти во игра влезе и репрезентативецот Малески, па така Струга ТЛ во тие моменти имаше три класични напаѓачи. Јасно беше што бараше тренерот Шкемби. Во 71.минута Исмајли опасно се закани, но домашниот голман одлично одбрани. Струга ТЛ и дефинитивно тргна со сите сили во напад, но Башкими умешно се бранеше.
Во 76.минута спорна ситуација пред голот на домашните. Шабани беше во напад, таа топка заврши во раката на Хасан Сумер кој беше во пад, но судијата Стојанов покажа дека нема пенал за гостите, дека домашниот фудбалер иако ја собра таа топка, раката му била долу на теренот. Нешто слично како вчера на Автокоманда на мечот Скопје – Вардар. Бадијала протестите на гостинските фудбалери.
Па, така, на крајот славје за домашните за оваа голема победа.















