Фудбалскиот тим ФК „Карпошово“, составен од спортисти со Даунов синдром и лесна интелектуална попреченост, го освои првото место на Балканското првенство во фудбал за спортисти со Даунов синдром и интелектуални попречености, кое од 2 до 4 октомври 2026 година се одржа во Софија, Бугарија.
На турнирот, организиран од Федерацијата за адаптирана физичка активност на Бугарија (ФАПА), учествуваа екипи од Бугарија, Македонија, Србија и Хрватска. Натпреварите се одиграа на терените со вештачка трева во рамки на Воената академија „Георги С. Раковски“ во Софија.
Освојувањето на првото место претставува значајно признание за трудот, посветеноста и тимскиот дух на играчите и стручниот штаб на ФК „Карпошово“. Успехот, сепак, има многу пошироко значење, испраќајќи силна порака за важноста на инклузијата, еднаквите можности и рамноправното учество на лицата со попреченост во спортот.
Преку проектот „Фудбал за сите деца“, на децата и младите со интелектуални попречености им се овозможува активно да се вклучат во фудбалот, да ги развиваат своите способности и да бидат рамноправен дел од спортската заедница.
Активностите на ФК „Карпошово“ се реализираат со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Фондацијата на УЕФА за деца, со цел унапредување на инклузијата, социјалната интеграција и создавањето еднакви можности преку спортот.
Триумфот во Софија е уште една потврда дека фудбалот ги обединува луѓето, ги руши бариерите и докажува дека секој заслужува можност да игра, да напредува и да победува.











