Големо дерби, супер-дерби денеска во Струга од 12 часот во рамките на 13.коло во ПМФЛ. Ова ќе биде спектакл во мак – фудбалот со оглед на тоа дека силите ќе ги одмерат водечките на табелата, екипи кои не кријат дека атакуваат на титулата.
Струга ТЛ сака да го задржи победничкиот ритам дома, ова ќе биде седми меч сезонава и тимот на Бледи Шкемби има досега само победи без примен гол. Поважно за стружани ќе биде тоа дека со евентуална победа ќе избијат на првото место со +2 бода предност пред лутиот ривал, тогаш ќе може да се размислува и за есенската титула.
Секако дека и Шкендија си има свои планови. Тимот на стратегот Артим Положани не блеска, ама сепак освојува бодови. Во случај на победа ќе има +4 пред Струга ТЛ и есенската титула ќе биде на дофат.
Шкендија има добар скор против Струга ТЛ на последните мечеви, на последните седум нема пораз.
Во пресрет на денешното супер дерби за очекувањата говори Марјан Радески, напаѓачот на Струга ТЛ кој од 2015 до 2020 го носеше дресот на тетовци:
“Респект за екипата на Шкендија, но Струга Трим Лум има свои цели. Сепак, за да ги постигнеме тие цели, ние како тим мора да направиме повеќе од максимумот, за бодовите да останат во Струга. Во овој термин од 12:00 часот досега одигравме два натпревари, така што не треба да има никакви дополнителни проблеми, дури ни за навивачите, бидејќи оние кои го сакаат клубот се со нас во секое време и место“ истакна Радески.
Напаѓачот искоментира и за неговата моментална форма кој е на високо ниво:
“Се обидувам и давам сè за да бидам во служба на тимот на секој натпревар. Нормално е напаѓачите да бараат гол на секој натпревар, но во овие моменти најважно би било бодовите да останат во Струга и ние да уживаме во победата.“















