Филип Милошевски со силна порака: Кога ја претставуваш Македонија – постојат работи за кои не се преговара!

410

Поранешниот генерален секретар на Ракометната федерација на Македонија, Филип Милошевки после денешните случувања во Грција: дирекниот телевизискиот пренос од натпреварот со Македонија и кратенката „NMKD“, поразот, како и други теми, се наврати 11 години наназад. Милошевски испрати порака до новото раководство на РФМ за овој случај, но и за поразот од Грција.
Заедно со Живко Мукаетов долги години ја градеа репрезентацијата, како и својот идентитет во европски рамки.
Во продолжение ви го пренесуваме целосно неговиот став.

“На 12 јануари 2015 година, сениорската ракометна репрезентација на Македонија слета во Доха, по настапот на подготвителниот турнир во Нант, Франција, непосредно пред почетокот на Светското првенство.
По сериозно долго патување, на аеродромот нè пречека автобус на кој пишуваше „FYR Macedonia“.
Им кажав на момците да почекаат. Стапив во контакт со организаторот и по околу еден час автобусот беше „ребрендиран“. Дури потоа се качивме и тргнавме кон хотелот.
Од делегацијата, која броеше најмалку триесетина луѓе, ниту еден не кажа ниту збор. Немаше негодување, немаше прашања зошто чекаме. Сите знаеја зошто го правиме тоа. Затоа што кога ја претставуваш Македонија, постојат работи за кои не се преговара.
Оваа случка ми се врати во сеќавање денес, кога на телевизискиот пренос од натпреварот со Грција ја видов кратенката „NMKD“.
Сметам дека Ракометната федерација на Македонија треба сериозно и институционално да се заземе за правилната употреба на името и ознаките на нашата репрезентација во меѓународните натпреварувања. Тоа не е прашање на суета, туку на достоинство, протокол и почитување на репрезентацијата што ја претставуваме.
Што се однесува до денешниот пораз, историјата нè учи дека еден натпревар не мора да го одреди исходот на целиот квалификациски циклус.
Во 2002 година, во Кукуш, изгубивме од Грција со еден гол разлика, а во 2018 година, со Раул Гонзалес како селектор, во Козани изгубивме со два гола разлика.
Во квалификацискиот циклус за СП 2003 стигнавме до баражот, каде што бевме елиминирани од Исланд, додека во 2019 година, и покрај поразот во Козани претходната година, обезбедивме пласман на Европското првенство 2020, кое се одржа во Австрија, Норвешка и Шведска.
И покрај денешниот пораз, искрено очекувам и овој квалификациски циклус да има позитивен епилог.
Но, има нешто што за мене е многу поважно од еден резултат.
Низ годините создававме култ на репрезентацијата. Култ за кој деноноќно работевме, со посветеност, енергија и огромна одговорност. Одржувавме постојана комуникација на сите нивоа и со сите релевантни фактори, од играчите, селекторите и стручните штабови, до клубовите, спортските работници и институции. Градевме атмосфера на заедништво, почит и припадност, во која секој што одлучил да ги брани боите на Македонија знаел дека треба да даде сè, ама баш СÈ од себе.
Затоа што репрезентацијата никогаш не била само збир на играчи и резултати, туку заедничка вредност што ја градевме со години и која мора да се негува и чува.
И во наше време имавме различни ставови, несогласувања и предизвици. Не било секогаш сè идеално, но настојувавме разликите да не бидат пречка за заедничките цели. Верувам дека и денес постои простор за поголемо заедништво, отвореност и искористување на сите расположливи знаења и искуства, бидејќи македонскиот ракомет секогаш бил најсилен кога интересот на репрезентацијата бил пред сè друго.
Како Федерација, водевме сметка за сите спортски работници, без разлика на нивната улога, позиција, клуб или меѓусебни несогласувања. Кога стануваше збор за репрезентацијата, сите требаше да бидеме едно.
Имало и случаи кога одредени спортски работници биле суспендирани на европско ниво, но таквите околности не се одразувале автоматски и на нивниот ангажман во домашниот ракомет. Денес, колку што можам да забележам, пристапот кон ваквите прашања е поинаков.
Сметам дека ваквите ситуации заслужуваат внимателен и одговорен пристап, со почитување на важечките прописи, но и со свест дека македонскиот ракомет треба да настојува да ги задржи и искористи знаењето, искуството и придонесот на своите спортски работници.
Секако, на секое ново раководство треба да му се остави простор и време да ги покаже своите способности, да донесува одлуки и да ја оправда довербата што ја добило.
Мојата порака е едноставна:
Консолидирајте ги сите расположливи знаења, искуства и авторитети во македонскиот ракомет. Сослушајте ги различните ставови, внимателно филтрирајте ги и донесувајте одлуки во интерес на репрезентацијата и македонскиот ракомет.
Одговорноста е ваша. А доколку успеете, јас ќе бидам меѓу првите што јавно ќе ви честитаат и искрено ќе го поздрават вашиот успех.
Затоа што само обединети, со меѓусебна почит и со чувство за заедничка цел, можеме да одиме напред. И тоа не важи само за ракометот, туку и за многу други сфери во нашето општество.
Оваа порака сфатете ја исклучиво како добронамерна, од човек кој голем дел од својот живот го посветил на македонскиот ракомет и кому искрено му значи неговата иднина.
Секогаш со ❤️ за Македонија 🇲🇰🇲🇰!
Спортски поздрав!”.

ПретходноХорор во Норвешка: Се урна трибината на која беа фановите на Бодо/Глимт! (ФОТО)
СледноШампионот ја доби скопската пресметка, Штип славеше во Битола