Откако ја залечи тешката повреда на вркстените лигаменти на коленото, откако успешно се рехабилитираше од истата, се врати во својот тим Динамо Загреб, и секако заигра со одредена минутажа, веројатно најквалитетниот млад македонски фудбалер, Александар Грашески конечно направи и кам бек во националниот тим на Македонија.
Тој се најде на списокот на селекторот до 19. години, Димитар Капинковски, за квалификацискиот турнир на кој што сме домаќини во Струмица и Турново, и каде што покрај Македонија учевствуваат уште Северна Ирска, Словенија и Малта.
Грашески имаше долга пауза но офанзивецот сега повторно е тука, и со него Македонија на овој турнир ќе биде далеку, далеку посилна.
Тој е еден од оние млади фудбалери од кои што Македонија очекува многу. Трансферот кој што од скопски Њу Старс го направи во Динамо Загреб за оние кои што го следат младинскиот фудбал во Македонија, и младинските национални селекции, ама воопшто не беше изненадуње. Грашески имаше можност да замине и во Црвена Звезда, Партизан, но ете се одлучи за Загреб.
Тој иако е 2008 годиште, и има само 18 години за младинските селекции на Македонија досега има забележани 36 мечеви и 13 гола.
Македонија квалификацискиот турнир го отвора на 11 ноември против Северна Ирска на стадионот „Кукуш“ во Турново. Три дена подоцна, на 14 ноември, нашите млади фудбалери ќе се соочат со Словенија, додека последниот натпревар од групната фаза ќе го одиграат на 17 ноември против Малта.










