11 Октомври: Голем ден за Македонија, на Денот на востанието ја дочекуваме токму Германија!

405

Кога на 11 октомври 1941 година, македонскиот народ заедно со останатите народи  го дигнал народното востание против фашистичкиот окупатор, тогаш никој од нив не ни помислувал дека после 80 години, на 11 октомври 2021 година, Македонија ќе игра официјална квалификациска средба токму против Германија.

Сонот во 1944 година на партизаните и останатите кои воделе битка за слободна Македонија, за држава Македонија, се остварил. Во 1991 година само се потврдил.

Затоа почит за тогашните партизани, а сега почит за “сегашните партизани“, како Милевски, Адеми, Димитриевски, Елмас, Николов, Ристовски, Алиоски и останатите…

Денешните “партизани“ вечерва ги чека гигантска битка, битка против моќната, силната Германија. Против Нојер, Милер, Ројс и останатите ѕвезди на селекторот Ханси Флик.

Против Германија која еднаш ја ничкосавме на колена. Кога во март го освоивме Дуисбург, ја клекнавме на колена таа голема Германија, светот се чудеше. Тогаш Германците си ги гризеа устите и порачаа дека кога тогаш ќе ни вратат. А ние бевме во еуфорија.

Е, па, “панцири“ еве ви шанса, вечерва на наш терен, на нашата Арена, пред 16.000 македонски навивачи и против единаесет мотивирани до небо, момци на Милевски.

Но, внимавајте пак да не “плачете“.

Секако, да не се лажеме. Германија е гигант, Германија е фаворит. И се освен нејзина победа вечерва, тоа ќе биде сензација. Но оваа Македонија има нешто во себе, посебно кога игра против најголемите, против гигантите. Тоа нешто треба да се искористи.

ДИМИТРИЕВСКИ И АЛИОСКИ –  “ПРВИТЕ ПУШКИ“…

Цели 80 години кумановци и прилепчани се препираат каде пукнала првата пушка на тој славен, голем ден 11 октомври. И нека и натаму се препираат, а ние имаме во овие момци и кумановец (Столе Димитриевски) и прилепчанец (Езџјан Алиоски). Па да нема препирки еве вака да се договориме. Првиот да не прими гол, а вториот да го даде. Ќе ги славиме двајцата, секако.

Момци, вие денеска играте на празникот 11 Октомври. Можеби на најславниот ден во нашата историја. Го имате за ривал веројатно најсилниот тим во Европа, но вие можете, вие сакате, вие знаете како против гигантот. Ако тоа го сторија вашите претци пред 80 години, кога не се исплашија од посилниот ривал, тогаш зошто вие би се плашеле. Нема потреба, вие еднаш ја победивте оваа славна и силна Германија, овие славни “панцири“.

Вечерва играме и за задржување на шансите за пласман во баражот за СП во Катар 2022 година. Никогаш, ама баш никогаш од 1994 година па наваму, кога почнавме да играме во квалификациите, Македонија на три кола пред крајот не била втора на табелата. Никогаш. Затоа ова мора да се искористи. Не бараме премногу, и со реми ќе бидеме задоволни, најважно е да го оставите своето срце на терен, да покажете дека сте достојни наследници на хероите и партизаните од 1941 година.

И ние ќе ви бидеме благодарни до небо.

Момци со среќа. Кога вечерва ќе истрчате на теренот на Арената, макар во делот од секундата помислете дека ако не беа тие момци од пред 80 години, ни вие сега немаше да играте за својата репрезентација, за својата Македониј на овој славен празник 11 Октомври.

Па така кога судијата Дани Макели ќе даде знак за почеток на мечот, играјте за вас, за својата репрезентација, за Македонија, за фановите на трибините и за сите македонски фанови, но играјте и за тие херои од 1941 година.

Веќе кажавме зошто.

Одиме МАКЕДОНИЈО!

Како беше онаа партизанската…

“Во борба, во борба…. македонски народе“.

ПретходноСаудијците му понудиле на Рангник да биде нов спортски директор на Њукасл
СледноПрво реми за Бразил, Меси и компанија го прегазија Уругвај (ВИДЕО)