Еден од најдобрите млади Македонски фудбалери во моментов, Бесар Гуџуфи својата перспективна кариера ќе ја продолжи во големиот турски клуб Бешикташ. Ова за некогашниот младинец на Вардар, но последно и првотимец на Беласица секако дека е голем чекор во кариерата. Пред само една година беше дел од кадетско – младинскиот состав на Вардар, а сега е дел од еден од најголемите клубови во Европа.
„Се е како сон во моментов. Сеуште што се вели не сум свесен дека трансферот е готов, дека сум дел од Бешикташ веќе и дека ќе настапувам за вака голем клуб. Нормално дека сум среќен, како и не би бил. Ова е остварување на соништата за секој млад играч. На мене е сега да покажам што и колку можам, дека ова не е случајно и дека јас не сум туку така пристигнат во вака голем клуб. Некој верувал во мене и во моите квалитети и талент, на мене е да покажам дека не се излажал“, вели Гуџуфи за Спортмедиа.
Тој е сигурен дека се наоѓа на вистинското место, во иднина македонската јавност ќе се гордее со него.
„Како може да ми е во вака голем клуб. Прекрасно. Услови најдобри, за тренинг за живот за се. Ќе тренирам најпрво самостојно во прво време, а потоа ќе се прилкучам на екипата. Тоа не е никаков проблем, секако дека ми треба време и простор за адаптација. Едно е сигурно дека сум на вистинското место во вистинско време и ветувам пред целата македонска јавност дека ќе направам се за да успеам и сите во иднина да се гордеат со мене“, вели Гуџуфи од Истанбул.