Трет обид за ракометарите на Е. Пелистер да ја обезбедат првата европска победа сезонава. Во рамките на 3. коло од групната фаза во ЕХД Европската лига, битолчани вечерва се гости во Атина.
Нов ривал на Е. Пелистер е екипата на АЕК која во премиерните две кола стартуваше перфектно обезбедувајќи две сигурни победи. Грците во премиерното коло без посебни проблеми на домашен терен славеа над унгарска Татабања, додека во 2. коло успеаја да го изненадат француски Ним на гостински терен победувајќи го со 27:26.
Овие резултати доволно зборуваат за квалитетот на ривалот со кој денеска ќе се соочат момците на Жељко Бабиќ.
„АЕК покажа на почетокот од турнирот дена е организирана и дисциплинирана екипа и одлично истрчување по освоена топка. Победија на убедлив начин во првото коло на домашен терен, а во второто коло ја изненадија цела Европа со победата во Ним. Во добар момент сме, во добра форма сме и со нетрпение го чекаме натпреварот и уверен сум дека ќе покажеме добар тимски дух, добро трчање, добра одбрана и верувам дека АЕК ќе „удри“ во цврст „ѕид“ на Еурофарм Пелистер. Подготвени сме да одиграме одличен натпревар и ќе видиме за што ќе биде тоа доволно“, изјави Бабиќ.
Мечот меѓу АЕК и Е. Пелистер стартува попладнево од 18:45 часот.