✍️ Марија Ковачева
Дефинитивно 2021 година за Андреј Магдевски е година која би ја посакал секој кошаркар. Македонскиот репрезентативец со МЗТ Скопје ги освои двете титули, беше прогласен за најкорисен играч во финалната серија, направи трансфер во Плоешти и за кратко време стана лидер. Во дресот на романскиот тим оствари трипл-дабл и за кратко време го понесе и МВП признанието на колото.
„Шлагот“ дојде во последнит денови од 2021 година, со право беше прогласен за најдобар кошаркар во Македонија, награда која ќе биде дополнителен мотив и во следните 12 месеци, како и за годините потоа.
Во интервју за СПОРТМЕДИА говори за наградата, својата кариера, репрезентацијата. Неговата најголема желба е со Македонија да игра на едно големо првенство, верува во подобри репрезентативни денови, верува дека одново ќе се вратиме на европската карта.
🏀 Изминатата 2021 година дефинитивно ќе ја паметиш по големи достигнувања во твојата кариера. Една од нив е признанието за најдобар кошаркар во Македонија, што значи за тебе оваа награда❓
„Голема е честа да се биде избран за најдобар кошаркар во земјата каде што си роден. Оваа награда за мене претставува уште поголем мотив за напорна работа и во иднина да остварам уште поголем успех. Се надевам на повисоко клупско ниво и секако да помогнам во репрезентацијата да се пласира на едно големо првенство, една од моите најголеми желби“.
🏀 Добрите игри во дресот на МЗТСкопје и во националниот тим ти донесоа трансфер во Плоешти. Колку си задоволен од оваа одлука, како се снаоѓаш во романското првенство? Тешко ли е да се избориш за лидерската улога во тимот❓
„Мислам дека беше време за нов предизвик во мојата кариера, сметам дека донесов паметна одлука со трансферот во Романија. Од првиот ден сум одлично прифатен од сите во клубот, ме почитуваат и веруваат во мене. До сега мислам дека коректно им оддолжувам со моите игри за нивниот однос и верба“.
🏀 Има ли разлика во меѓу романскиот и македонскиот шампионат? Гледаш ли простор за напредок❓
„Првенството во Романија е на повисоко ниво, има неколку клубови што се дел од ФИБА Лигата на шампиони со огромни буџети и квалитетни ростери, но тоа пак за мене е уште поголем мотив за докажување. Контакт играта е на високо ниво, после четири месеци искуство веќе подобро се снаоѓам“.
🏀 Дали претходно стигна понуда за во странство? Зошто токму сега (по завршување на минатата сезона) и понудата од МЗТ Скопје одлучи дека е време за нов предизвик❓
„Можам да кажам дека немав некои конкретни понуди, само менаџерски шпекулации, имав и двегодишен договор затоа претходното лето останав во Македонија. Сега сум многу поискусен играч и мислам дека е вистинско време да се пробам надвор од нашата земја“.
🏀 Имаше шанса да ја почувствуваш шпанската магија, беше дел од Реал Б тимот и Малага, а потоа кратко замина во Партизан. Дали можеби од оваа гледана точка се каеш што се врати во Македонија❓
„Искрено во мојата кариера се каам само за периодот во Партизан, бијдеќи имав и други понуди, но поради мојата љубов кон клубот и детските денови во Белград одлучив да потпишам за овој тим. На почетокот на сениорската кариера ако немаш поддршка од клубот, тешко можеш да добиеш минути особено ако си странец, што беше случај со мене. Но, јас ја искористив таа година да напредувам многу во тактичкиот дел на кошарката, кој пак ден-денеска ми е од голема корист“.
🏀 На репрезентативен план, Македонија конечно направи чекор напред? Колку е тешко да се водат сите оние претходни битки, во кои падовите беа поголеми од подемите❓
„Кога се сака националниот дрес, ништо не е тешко. Точно е дека имавме еден пад, поради едно лето кое беше исполнето со многу повреди, за жал се најдовме во таа последна дивизија. Но, чекор по чекор се вративме на повисоко ниво и сега останува да се пласираме на едно големо првенство“.
🏀 Првата фаза од квалификациите за СП 2023 ја почнавме со два порази, еден од Шпанија и еден од Украина. Гледаш ли шанса за Македонија за прва победа❓
„Сметам дека нашата репрезентација има квалитет, тоа го покажавме во неколку наврати претходно. Немаме намера да се откажеме, само да сме живи и здрави, на следниот ФИБА прозорец ќе атакуваме на првата победа во квалификациите“.
🏀 Го доби признанието за најдобар кошаркар, но на последните два меча, можеби не ја доби потребната минутажа од новиот селектор, Драган Бајиќ. Како гледаш на оваа одлука❓
„Не можам да кажам дека ми е сеедно што не можев да и помогнам на екипата како што знам. Но, тоа не е моја одлука, кој и колку ќе игра. Секогаш кога ќе бидам повикан ќе бидам на сите собири, чувството да се бидел дел од репрезентацијата не може да се опише и ќе дадам се од себе на секој тренинг и на секој натпревар“.
🏀 Имаме ли иднина на репрезентативно ниво? Можеме ли да се надеваме на кам-бек на европска сцена. Што е потребно за да одново да играме на еден континентален собир❓
„Секако дека има иднина, имаме доста талентирани деца, кои се надевам дека ќе го искористат нивниот потенцијал максимално. Потребно е нашата игра да се подигне на повисоко и попрофесионално ниво, да се направат подобри услови за тренинг, клубовите треба да бидат активни на меѓународна сцена, а македонските играчи да се стремат да се натпреваруваат во поквалитетни лиги, секако без потценување на нашата“.
🏀 Што би посакал да ти се исполни во 2022 година? Кои се твоите желби❓
„Во новата година би посакал многу здравје, среќа и успех на сите, секако да исчезне пандемијата коронавирус, да се врати слободата која што ја имавме“.