Челзи е нов европски шампион: Хаверц со првиот гол во ЛШ оваа сезона обезбеди европска титула! (ВИДЕО)

211

Екипата на Челзи е нов европски фудбалски шампион! Со голот на Хаверц во 42. минута, „сините“ по вторпат во својата историја го освојуваат најсилното европско клупско натпреварување.

Во свој стил, Пеп Гвардиола и неговите момци почнаа со значителен посед на топката и привиден притисок пред голот на Челзи. Таквата игра не даде резултат, туку напротив, им направи многу проблеми на „граѓаните“ при загубени топки во половината на Челзи, затоа што лондончани брзо се трансформираа во напад. Само во прите 15 минути Тимо Вернер имаше две фантастични шанси, но Германецот во една тотално се избрука, а во другата упати млак удар кој заврши во рацете на Едерсон.

 

И додека Сити се обидуваше да дојде до гол шанса, Челзи остана без столбот во одбраната, Тијаго Силва, кој поради проблем со препоните ја напушти играта во 29. минута. Во завршницата на првиот дел, Челзи конечно успеа да искористи шанса за гол, откако Маунт испрати фантастична топка до Хаверц кој успеа да го матира Едерсон за 1:0.

 

Во второто полувреме иста слика. Сити уште повеќе го зголеми поседот во првите 10-тина минути, но без разултат и без шанса. Во 60. минута по еден судир со Канте, Кевин Де Бруин мораше да ја напушти играта, а подоцна Пеп мораше да менува во нападот, па во игра ги уфрли и Габриел Жезус и Серхио Агуеро.

Челзи одлично се бранеше и не дозволи Сити да направи нути една конкретна шанса. Затоа лондончани ја имаа клучната во 73. минута кога Пулишиќ доби одличен центаршут во шеснаесетникот и од одлична позиција не успеа да го погоди голот на Едерсон.

До крајот на мечот Манчестер Сити направи комплетен притисок, но не создаде ниту една добра шанса за израмнување се до 96. минута, кога Марез собра еден отпадок и малку недостасуваше да го матира Менди. Челзи на крајот успеа да ја задржи предноста и по 2012 година, повторно да се искачи на шампионскиот пиедестал.

ПретходноИнтер нема проблем да го продаде Лукаку, но бара 100 милиони евра
СледноМОМЕНТИ ЗА ПАМЕТЕЊЕ: Трофејот повторно патува на „Стемфорд Бриџ“