Чешка и Македонија одиграа 24-24 на првиот меч од баражот за пласман на СП. Мечот во Злин можевме да го добиеме но во финишот попушти концентрацијата и домаќинот извлече реми. Реваншот е во Скопје, пред полна сала затоа што билетите се распродадени и противникот го очекува пекол, сигурно посилен од оној што ние го имавме во Злин.
Дел од чешките ракометари се свесни дека во Скопје ќе биде тешко познавајќи ја атмосферата на која треба да играат, а оние помладите и понеискусните се оптимисти и веруваат во победа. Еден од нив е Матеј Холева кој беше воодушевен од атмосферата во Злин, но ќе видиме како ќе се снајде во Скопје.
„Прекрасна атмосфера во Злин. Ова е голем поттик за мене и за нас како репрезентација. Мечот беше тежок, губевме со седум разлика на стартот на второто полувреме, ама успеавме да се избориме за реми. Бев нервозен на почетокот, ама како што одминуваше мечот таа исчезна. Кога изедначивме тоа беше одлично. Искрено, очекувам да победиме во Скопје и да се пласираме на СП“, порача младиот крилен ракометар.
А голманот Томаш Мрква имаше своја вечер и спречи неколку зицери на нашите ракометари со што даде голем придонес во ова реми. Тој не се согласува со Холева.
„Исто како да почнуваме од нула. Мораме да одиграме подобро, мораме и да се носиме со неверојатниот притисок од публиката. Ќе биде многу тешко, меѓутоа не сме без шанси. Ќе анализираме каде грешевме на првиот меч, а на реваншот да дадеме 100% од силите да победиме“, вели Мрква.
Реваншот е во недела на 17 април со почеток од 19:00 часот.
FOTO> Idnes.cz