Екипата на Тиквеш не искористи шанса да завери билет за излез во Европа, на домашен терен беше совладан од Бутел Скопје со минимални 27-28 во меч од седмото коло во Супер-лигата. Со триумфот во Кавадарци, скопскиот состав и математички го обезбеди третото место на табелата.
Блажевски со 14 одбрани и еден гол беше еден од најдобрите во Бутел Скопје, Мајиќ запиша осум гола, два помалку имаше Младеновски. На другата страна Симиќ беше стрелец на осум гола.
Тиквеш во првото полувреме речиси беше во „блага“ доминација, гостите не поведоа ниту еднаш. Домашните ракометари најголемата предност ја имаа пред одморот, водеа со 14-11. Гостите со два гола во низа намалија на 14-13.
Кавадарчани продолжија во ист ритам и во вториот дел, имаа плус три (17-14 и 18-15), на другата страна Бутел со два гола во низа израмнија на 21-21, на девет минути до крајот поведе со 24-25, во драматична завршница успеа да дојде до целиот плен.