Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе добие дозвола да се натпреварува на следниот Австралија опен бидејќи му е вратена можноста за добивање виза во Австралија, пишува австралискиот весник „The Age“. На Ѓоковиќ не му беше дозволено да се натпреварува на последниот Грен слем во Мелбурн бидејќи не е вакциниран против коронавирусот.
По две судски рочишта, австралиската влада му ја укина визата и го депортираше од земјата. Исто така, со правосилната пресуда му е забрането да добива виза во следните три години. Тогашниот министер за имиграција Алекс Хок објасни дека укинувањето на визата на Ѓоковиќ е „во јавен интерес“.
Новиот министер за имиграција Ендрју Гилс ќе ја поништи одлуката за укинување на тригодишната виза на Ѓоковиќ. Оптимист беше и директорот на Австралија опен, Крег Тајли.
“Знам дека Новак сака да се врати и да игра со нас. Тој ја сака Австралија бидејќи тука го постигна својот најголем успех. Но, на некој друг е да му дозволи да го направи тоа”, рече Тајли.
Да потсетиме, во пресрет на последниот Австралија опен, Ѓоковиќ пристигна во Австралија, но беше запрен на аеродромот и одведен во имиграциски притвор. Започна вистинска судска драма во која за само неколку дена се одржаа две рочишта. Ѓоковиќ на крајот мораше да ја напушти земјата.