И официјално Александар Васоски се врати во А. Пандев. Одработени се неколку тренинга оваа недела под неговоп водство, а се знае дека тој се врати по пауза од осум месеци. Секако дека од него се очекуваат резултати, тој добро го знае.
Ги знае и амбициите на клубот за оваа сезона.
Па така за “Спортмедиа“ Васоски изјавува:
„Познато ми е тука. Задоволен сум што еве се вратив во клубот. Кога ме прашувате за амбициите тие се познати. Во разговор со газдата на клубот Горан Пандев заеднички заклучивме дека тие оваа сезона ќе бидат што повисок пласман, секако да се најдеме на тие места кои ќе водат во Европа, а и Купот е тука. Во исто време да форсираме млади и екстра талентирани момци, она што А.Пандев го прави постојано, само треба да се продолжи со таа пракса“.
За разлика од минатата сезона, во оваа, барем според првите 5-6 кола битката за врвот ќе биде далеку поинтересна.
„Се чини дека не се само Шкендија и Шкупи кандидати за врвот. Тука е една силна и квалитетна Струга ТЛ. Станува збор за сериозен клуб и тим кој осетно се засили во летниот пероден рок и ете, тоа дава резултати. Ако не е А. Пандев тогаш би сакал Струга ТЛ да биде шампион оваа сезона. Тоа ќе биде добро и за мак – фудбалот, да се тргне малку трофејот од Скопје и Тетово, а и поради мојот пријател Срѓан Захариевски со кого бевме заедно во Металург. Инаку стартот на сезоната покажа дека покрај Струга ТЛ, тука се и Брегалница, секако Шкендија и Шкупи, па и А.Пандев, се екипите кои би требало да се борат за врвот на табелата, ако веќе не испуштив некого. Сепак оставам да има и изненадувања. Рано е уште за детални анализи. Во секој случај ќе биде поинтересно од лани“потенцира стратегот на “пандевци“.
А.Пандев во недела ќе гостува во Кавадарци, каде што ќе ги одмери силите со Тиквеш.
„Тешко гостување. Тиквеш на мечот со Шкупи и тоа како позитивно изненади. Сепак не кријам дека ние одиме во Кавадарци да одиграме добар напревар, одиме по трите бода. Убава вест за нас во клубот е дека оние кои досега не можеа да играат поради повреди полека, но сигурно се враќаат во ростерот“ заврши Александар Васоски.















