Уште едно бледо издание на Е.Пелистер во СЕХА-лига. Битолчани не успеаја да го поправат впечатокот, беа совладани од Нексе на гостински терен со 29-25 (15-12) во рамките на 2. коло во регионалното натпреварување.
Мирко Радовиќ со пет гола, сите од седум метри беше прв стрелец, четири имаше Костески од пет обиди, Лесјак имаше една одбрана, Кизиќ пет.
Лошо прво полувреме за актуелниот македонски вицепрвак. Дефанзивата беше мека, а голманите имаа само една одбрана. Битолчани не поведоа ниту еднаш, имаа нерешено во три наврати (1-1, 4-4 и 6-6). На другата страна Нексе лесно доаѓаше до голот на противникот, водеше со 13-9, имаше и плус пет (15-10), период во кој нападот на Пелистер кризираше. На голема среќа на одморот Хосни и Хенеберг намалија на 15-12.
Серијата од крајот на првиот дел, продолжи во вториот, Костески намали на 15-13, битолчани не искористија два напади да дојдат на минус еден. Нексе остана со играч помалку, но успеа да зголеми на 17-13.
Конечно добри минути за македонскиот тим, со три гола во низа намали на 18-16. По новиот неискористен напад, Нексе казни со серија од 5-0 дојде на 23-16 речиси пред средината на второто полувреме. Три од пет гола, битолчани ги примија со минус двајца играчи на теренот.
Кизиќ фати еден удар од седум метри, а Пелистер со 5-0 намали на 23-21 во 21. минута. Битолчани останаа пак со двајца играчи помалку, Нексе „ќари“ само еден гол (24-21), но одигра подобро кога силите на теренот беа израмени, повторно поведе со плус пет (28-23) на три минути до крајот, доволно за победа.










