По преспиената ноќ нашите У21 репрезентативци сеуште ги држи еуфоријата од синоќешниот триумд над Шведска во Јончепинг. Конечните 0:1 се дело на Иван Николов кој погоди уште во седмата минута, а потоа следуваше деведесет минутен притисок и пресинг на домаќинот. Швеѓаните најпрво сакаа веднаш резултатски да се вратат, сакаа победа, па потоа како одминуваше времето веројатно ќе беа задоволни и со бод. Ама не го добија ни тоа. Останаа со празни раце. Од друга страна пак, полни раце работа имаше нашиот голман Марко Алчевски кој уште на стартот на овие квалификации покажа дека е вистинскиот избор за наша „единица“. Неколку бравури на линијата, особено во оние десетина „додатни“ минути ни ја спасија победата во буквална смисла.
„Пред се сакам да се заблагодарам за целокупната поддршка од македонската јавност, мислам дека на најубав можен начин го честитавме празникот на независноста на Македонија. За натпреварот што да кажам… Тежок натпревар баш и каков што очекувавме, пред се мислам дека повеќе ја посакувавме победата и Господ не награди“ – вели Алчевски па додава.
Сега Холандија нека му ја мисли
“Многу важна победа на стартот на квалификациите и иако многумина велат дека сега е многу важно да не се лета во облаци, јас искрено мислам дека треба да продолжиме да летаме и да продолжиме да ја градиме оваа успешна приказна. Холандија е сега таа која треба да стравува, ние нема што да изгубеме , ние можеме!“ – вели нашиот младински репрезентативен голман.










