Пишува: Зоран Ѓоршоски
Благоја Милевски и во наредниот период ќе ја предводи селкцијата на Македонија. Како што и беше најавувано, УО на ФФМ одлучи да му се продолжи договорот и тој сега во Лигата на Нации и во Квалификациите за СП 2026 ќе биде предводникот на нашата најдобра фудбалска селекција.
Не крие дека е задоволен од укажаната доверба, а за тоа што и како во иднина, за тоа дали мечот со Украина во Скопје беше пресуден за нас во квалификаците за ЕУРО 2024, за случајот “Стефан Ристовски“ и поддршката што ја добива од Дарко Панчев, секако и за негативните коментари по социјалните мрежи, но и за други работи, токму Милевски за „СпортСпорт“ отворено како и секогаш.
-Очекуваше ли Милевски продолжување на договорот со ФФМ како селектор на Македонија?
„Генерално сум човек кој сака другите да даваат оценка за неговата работа, посебно во фудбалот. Сепак, ако веќе треба да се каже нешто за мојата работа во изминатиот период, тогаш јас лично сметам дека имаше многу подобри работи отколку тие лошите, и тоа во голема мерка. Веднаш ќе кажам дека црна дамка ми е оној убедлив пораз од Англија на `Олд Трафорд`, свесен сум дека тоа е црна дамка и за мак-фудбалот, но и за Македонија воопшто. Тука нема дилеми“ вели Милевски и продолжува.
„За мене е успех што бевме на чекор до пласман на СП во Катар, не заборавајте дека ние во тој бараж ја елиминиравме Италија на гости, а потоа игравме повторно на гости кај Португалија. Да, генерално повеќе се очекуваше во квалификациите за ЕУРО 2024. Сепак, Македонија се падна во најтешката група во историјата и тоа со Англија, Италија и Украина. Секако дека можевме и требавме да освоиме повеќе бодови. Посебно ме боли поразот од Украина во Скопје. До таа 65.минута доминиравме, водевме со 2:0, и потоа се случи тоа да примиме несфатливи голови.Верувајте, можеби десетина пати сум ја гледал снимката од тој меч и не можам да сфатам зошто. Секако дека тука има своја улога и физичката подготвеност ако се знае дека половината од нашите играчи во тие моменти имаа мала минутажа или пак немаа никаква во своите клубови“.
ПОРАЗОТ ВО МАНЧЕСТЕР Е ЦРНА ДАМКА ЗА МЕНЕ
-И по тој пораз дојде “Олд Трафорд“ во Манчестер и тие 7:0?
„Да. Велам дека тој меч е црна дамка каде што не бевме на вистинското ниво. Но јасно е дека по тој пораз во Украина сите играчи беа, пред се, психички паднати. Еве да ја земам една Украина на пример. Па ние на гости во Прага можеби бевме и подобри од тој меч во Скопје. Шанси, зицери, добра игра, и место да победиме ние загубивме. Сметам дека тој меч со Украина во Скопје кога беше од 2:0 до 2:3 беше пресуден за нас во овие квалификации“.
-Да не заборавиме дека и со Италија, и со Англија одигравме нерешено во Скопје, што секако дека е успех?
„И не само резултатски, туку и играчки се надигрувавме со едни такви велесили, гиганти. Сето ова го кажувам да се знаат некои работи. Сакам коментар, критика, но таа да биде издржана. Ама да не биде критика само за критика. Кога јас ќе дадам свој против аргумент тогаш тие критики кон мене обично паѓаат вода што се вели“.
ИМАМ СИЛНА ВЕРБА ВО ОВАА ГЕНЕРАЦИЈА
-Во повеќе наврати Милевски истакнувал дека верува во оваа генерација?
„Па, ако не верувам нема да бидам тука со нив. Знам дека има потенцијал оваа генерација, и со неколку освежувања ќе можеме да одиме кон новите цели, а тоа се пласман на некое големо натпреварување. Имаме квалитет, имаме потенцијал, само треба играчите да играат во своите клубови, тоа е најважно“.
-Сега од оваа временска дистанца што Милевски би сменил во работата со репрезентацијата? Или што некои работи би ги направил на поинаков начин?
“Не се каам за ништо. Знам само дека сум работел чесно и сум се вложувал максимално. Можеби таа смена на генерациите или подмладување требаше да го направам порано. Но кога видов со кого треба да играме во квалификациите за ЕП, против Англија, Италија и Украина тогаш малку `закочив` во тие намери, можеби не требаше. Во блиска иднина ќе го заокружиме тоа што јас го велам како проект на подмладување, ќе се дефинира мојата визија. Сакам да бидеме како што бевме на последните шест натпревари, секако и подобри“.
КОНФЛИКТОТ СО РИСТОВСКИ И ПОДДРШКАТА ОД ПАНЧЕВ
-За каков конфликт станува збор во случајот со поранешниот капитен Стефан Ристовски?
„Навистина не знам. Како со капитен јас во повеќе наврати имав разговори со него, но за неговата одлука дека се повлекува од репрезентацијата поради мене, јас ја дознав од медиумите“?
-На тоа свој коментар имаше и легендата Дарко Панчев, кој искрено го искритикува Ристовски а ви даде вам поддршка. Панчев во неколку ви ја дава поддршката и не крие дека ја цени вашата работа?
“Кога тие зборови доаѓаат од една наша, но и европска фудбалска легенда, од еден Дарко Панчев, тоа секако дека ми годи. Го респектирам зошто секогаш отворено кажува за проблемите, за добрите и лошите работи. Таа негова искреност ја ценам, веројатно зошто сум и јас таков. Видете, кога еден Панчев, кој освоил се што може да се освои во светот на фудбалот, ќе каже нешто и тоа необременет од ништо, тогаш тоа мора да се почитува, а во мојот случај да ти годи“.
НЕ МЕ ЗАСЕГААТ НЕГАТИВНИТЕ КОМЕНТАРИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ
-Се повеќе и повеќе на социјалните мрежи сте мета на негативни коментари и не само за фудбалот, за вашата работа?
“Не користам социјални мрежи и искрено до мене не ме допираат, поточно не ме засегаат, таквите коментари. Знам што се пишува од тоа што ми кажуваат моите блиски или моите соработници. Во такви времиња живееме, што сега секој може на тастатура да пише што сака. Не се оптоварувам со тоа. Имам поважни работи во животот, мојот фокус целосно е свртен кон репрезентацијата. А тие што пишуваат така обично се фруструрани лица кои не се оствариле во својот живот и јас не можам да им помогнам. Сум рекол стотина пати, сакам искрен, издржан коментар, критика, сакам полемика и дискусија, размена на аргументи и факти, но тоа да биде на едно потребно ниво. А не вака како што е сега, мислам на пишувањата по социјалните мрежи“.
БАРДИ Е НОВИОТ КАПИТЕН, ТОЈ Е ЛИДЕРОТ НА ОВАА ГЕНЕРАЦИЈА
-Изборот Енис Барди да биде капитен се покажа како маестрален. Енис покажува дека е роден лидер, не само што е играчка туку е и човечка величина?
“Од како јас сум во репрезентацијата како селектор мој е изборот кој ќе биде капитен. Јас го одбрав прво Стефан Ристовски, а по него и Енис Барди. Зарем треба да се трошат зборови за Енис? Задоволен сум од него како капитен а гледам дека и јавноста има само пофални зборови за него“.
-На крај што сакате, освен да им честитате Среќна Нова 2024, да им порачате на фудбалските фанови?
„Како прво многу здравје и среќа. Потоа да веруваат во својата репрезентација, зошто тие што играат во репрезентацијата тоа го прават од срце, со гордост. Да ја даваат подршката и тоа не за мене како Милевски, туку за Македонија, за својата држава. А јас од името на сите во репрезентацијата ветувам дека секогаш ќе го даваме својот максимум како би имале подобри резултати и причина за радост и задоволство“.










