Хајдук Сплит не е клуб, тоа е начин на живот

1141

Огнен Чак Дојчиновски

Cili je Split rascvala grana, sunčani lipi cvit mediterana… вака оди текстот на легендарната песна на уште полегендарниот Оливер Драгојевиќ, пејачот кој е во срцата на милиони хрвати ширум светот. Човекот со кој што се поистоветува цела Далмација, хрватско крајбрежје, во кој нема жена што не е заљубена…

Cili je Split пее Оливер за својот роден град. За градот кој во себе носи нешто посебно. Кој бил знае, кој не бил нека го стори тоа за да почувствува што значи љубов за она што е твое, за како сплиќани го доживуваат својот град, како најубавиот на светот. Сплит е нешто посебно. И Хајдук е нешто посебно. Омилениот клуб на Оливер Драгојевиќ, на Мишо Ковач, на секој кој што е поврзан со овој град. Не постои друг клуб.
„Да, Хајдук тука се доживува како дел од животот на сите. Дали е тоа медитеранскиот менталитет, или нешто друго, не знам, но искрено ви велам, дека Хајдук во Сплит е начин на живот. Тоа не можам да го опишам, мора да се почувствува. Играв во големи клубови, во Италија, во Шпанија, но тоа што овде се случува е уникатно. Хајдук како клуб, Сплит како град, едноставно го вдишуваш, го примаш во себе“ – го стартува новогодишното интервју за Спортспорт, Александар Трајковски, искусниот македонски интернационалец и репрезентативец, кој што е дел од Далматинскиот бисер, Хајдук Сплит, и кој што едноставно нема зборови како да го опише овој специфичен и по се посебен клуб.

Сплит чека титула дваесетина години

Веројатно ако ги прашате и десетиците македонски интернационалци кои играле за Хајдук претходно ќе ви го кажат истото. Почнувајќи од Ванчо Балевски, преку Драги Сетинов, Мирко Петров, па Гоце Седлоски, Игор Ѓузелов, Арбен Нухији, Игор Кралевски, Мирослав Вајс, Јани Атанасов, Мирко Ивановски, сите од ред ќе ви го кажат истото. Дека Сплит е посебен.
Еден од нив ја имаше таа чест да биде освојувач на титулата со Хајдук, Игор Ѓузелов, и тоа сега веќе далечната 2004/05. Да, Хајдук чека шампионски трофеј дваесетина години.
„Ќе направиме се што е во наша моќ сезонава да бидеме шампиони. Сезонава имаме голема шанса. Клубот, градот го заслужуваат тоа“ – вели Трајковски па се префрлува на навивачите, легендарната Торцида Сплит.

„Навивачите се нешто посебно. Торцида е уникатна. Тоа е сила која што не „влече“ напред на секој меч. И на домашен терен и на гости. Посебни се. Нема ден, да не не сретнат низ градот, да не те застанат, да не не поздрават. Годи тоа. Кога од секој ама буквално секој човек што ќе го сретнеш добиваш неизмерна поддршка за она што го правиш. Па како да не играш, како да не дадеш 100% и на тренинг и на натпревар. Хајдук, Сплит и Торцида тоа го вадат од тебе“ – додава Трајковски, а на прашањето кое му е омилено место за пиење каде во Сплит во ист стил продолжува.

„Немам омилено место верувајте. Секаде атмосферата, енергијата е иста. Градот живее во многу позитивен ритам, секаде се чувствувам супер. Кафето секогаш годи ако знаете дека луѓето ве гледаат како нешто посебно, како еден вид херој кој што го прави нивниот клуб, град, место подобро“ – вели Аце Трајковски.

Палермо, Мајорка, Сплит, морето како заштитен знак

Александар Трајковски уште како дете замина од неговата матична Цементарница. Одамна беше тоа, на негови 18. години замина токму за Хрватска но тогаш во Интер Запрешиќ. Потоа играше во Белгија, Италија, Шпанија, Данска, Саудиска Арабија за да повторно се врати во Хрватска.Сепак, најмногу впечаток остави во Италија, поточно во Палермо, клуб за кој што одигра стотина натпревари.
„Палермо, Мајорка и Сплит се слични што се вели со оглед на тоа дека се наоѓаат на море, да но тешко дека се споредуваат. Палермо ми даде многу. Мора тоа да го кажам. Мојот прв син Матеј се роди таму. Со Палермо ме врзуваат прекрасни спомени. Уживав и уживам во сите три града. Луѓето, атмосферата, климата. Мене ми годи медитераснкиот начин на живот“ – вели Трајковски.

Промените во ФФМ се добри, сигурен сум подобра иднина

Тој како и поголемиот дел од нашите интернационалци во моментов е на одмор дома. Во Македонија. А кога сме кај неа, мора да се искоментираат и промените во фудбалскиот дел. ФФМ има нов претседател, нова управувачка гарнитура. Омерагиќ, Пандев, Христов, Најдоски, Ибраими. Лигата на Нации е зад нас, ја одигравме како што треба, а сега доаѓаат квалификациите во март.
„Да има промени. Секоја промена носи нешто ново, а јас сум убеден дека со ова што се случува во моментов 100% сме на добар пат. Ќе се случуваат убави нешта. Имаме серија на добри игри и резултати, а следува уште подобро. Ние сме супер „клапа“, хаха по далматински, а со евентуалното враќање на Стефан Ристовски и Аријан Адеми, мислам дека тоа ќе биде веќе нешто сосема друго. Тие ни се многу потребни. Ќе направиме се што е во наша моќ во следниот циклус да бидеме на потребното ниво, а ривалите и не се така важни. Важно е ние да бидеме на потребното ниво“ – дециден е Александар Трајковски.

За Александар Трајковски и за Хајдук има да се напише уште многу. Нашиот Аце има „милион“ приказни во себе сигурни сме. И за него и за клубот каде што настапува. Тука сме секогаш за него. И за турнирот одигран во дресот на Челзи своевремено, и за голот против Италија во неговиот Палермо, за тоа како е да загубиш од Динамо Загреб, најголемиот ривал, но и да го победиш истиот и да му ја земеш титулата по дваесетина години чекање. Тука сме за Александар Трајковски до следната нова година во која се надеваме ќе има трофеј повеќе во неговите витрини, и ќе влезе во друштвото на Ѓузелов, Ристовски, Адеми, Седлоски играчи кои веќе го подигнаа шампинскиот трофеј во Хрватска.

ПретходноОва се најважните датуми за Македонија во јануари!
СледноСрушен рекордот на скокалницата во Гармиш (ВИДЕО)