Ристески за шампионската титула: Штип не памети ваков успех, ова е историја!

79
фото: Одбојкарски клуб "Штип Угд" - Штип (FB)

Штип веќе неколку дена ја прославува историската одбојкарска титула. Момците кои цела сезона одиграа одлична одбојка, го заслужија шампионскиот наслов со беспрекорната плеј-оф финална серија против ГОК Борец. Избраниците на тренерот Кристиан Ристески потврдија дека се во врвна форма и успеаја да го симнат од тронот досегашниот суверен владетел, ОК Струмица.

За начинот на кој Штип УГД дојде до титулата, но претходно зачинувајќи ја оваа беспрекорна сезона и со трофејот во Купот на Македонија, тренерот Ристески вели дека клучниот момент во сезоната беше токму победата и трофејот во Купот на ОФМ.

„Екипата почнав да ја креирам уште во мај минатата година. Со доаѓањето на Стојан Илиев, а подоцна и со Џуниор, добивме голема стабилност на клучни позиции. Од самиот почеток знаев дека оваа екипа повторно ќе игра финале и дека големи се шансите да биде генерација на обединување на титулите. Клучен момент беше победата во Купот на ОФМ каде во една променлива игра успеавме да издржиме сè и да се издигниме со победа“.

Што ја прави оваа генерација на играчи посебна за да ја освои двојната круна?

„Сплотеноста, хемијата, другарството, искреноста и желбата за докажување и победа! Тоа се репрезентативци, другари, воспитани деца со чиста душа и огромна желба за докажување, кои оваа сезона го истакнаа целиот нивни играчки потенцијал“.

Со какви предизвици се соочивте на патот до првата шампионска титула и како ги надминавте?

„Имаше многу предизвици кои влијаеја во целото натпреварување. Еден од нив беше и европската авантура која беше повеќе од успешна: влеговме во главна фаза на ЦЕВ Челинџ купот и игравме двомеч со сега веќе освојувачот на ова натпреварување, Алијанц Милано. Сите тие патувања, спремање на натпреварите, тренинзите… малку нè дефокусираа од нашата траекторија во првенството. Потоа дојде оној пресврт против Струмица на домашен терен од 2-0 до 2-3… па втората полусезона губевме по еден сет во речиси секој натпревар, нешто што мене искрено малку ме фрустрираше, иако немаше тоа никакво значење за екипата… некои ситни повреди кај играчите… воопшто не беше лесно да се издржи но имавме верба едни во други, јас во играчите, играчите во мене и заедно, сплотени, излеговме од сите непријатни ситуации“.

Дали имаше натпревар што ви беше пресвртен момент во борбата за титулата?

„Би го потенцирал поразот против Струмица на домашен терен и победата во финалето од купот, со тој трет, трилер сет, каде играчите покажаа голем карактер на шампиони“.

Што значи оваа титула за градот Штип и за иднината на одбојката во клубот?

„Значи многу! Значи спортска историја! Прва и единствена шампионска титула во градот Штип и прва и единствена двојна круна. Исто така, ОК Штип УГД е единствен клуб од овој град кој се натпреварува во Европа со прва и единствена победа со пласман во главна фаза. Премногу за една сезона. Многу спортска и одбојкарска историја е создадена за една сезона. Се надевам дека за градот Штип значи многу. Се надевам дека за спонзорите и поддржувачите значи потврда за правилна инвестиција и поттик за вложување повеќе во одбојката во овој град како спорт кој Штип може да го однесе и до височините на Европа, а младите и идни спортски генерации ќе го препознаат овој спорт како една од првите опции за нивниот спортски развој“, заврши Ристески.

ПретходноИ кадетите на Македонија ќе играат за златен медал на Мундијалот
СледноЦелје го чека „пекол“ во Охрид, салата „Билјанини извори“ е распродадена