Драма во пет сета, со среќен крај за Наковски Волеј на почетокот на финалната серија

34
Фото: Одбојкарска Федерација на Македонија

Одбојкарките на Наковски Волеј поведоа со 1-0 во финалната серија во Првата лига жени, откако по голема драма во пет сета со 3:2 (25:9, 23:25, 19:25, 25:17, 15:13) го победија Работнички Скопје пред својата публика во Струмица.

Неизвесен дуел, со подеми и падови и на едната и на другата екипа, но и многу надигрување со долги поени и убава игра како на мрежата, така и во полето понудија ривалите за шампионската титула.

Наковски Волеј имаше фузиозно отворање и му дозволи на Работнички Скопје да освои само девет поени во првиот сет.

Скопскиот состав брзо се консолидираше од првичниот шок и катастрофалниот прв сет и полека ја стабилизира играта во продолжението. Домашните водеа до 13:8, односно 14:10, но Работнички Скопје го крена нивото на игра и изедначи на 16:16, па се играше многу понеизвесно. До 21:21 противниците се движеа најчесто поен за поен, но во финишот Работнички Скопје прв дојде до сет-поен и го искористи, 23:25 за изедначување 1:1 во сетови.

Наковски Волеј тргна со 6:3, 9:7 во третиот сет, но гостите не потклекнаа и се вратија на 10:10. Средината на сетот донесе ново надмудрување, со убави поени. Блокот функционираше одлично на двете страни, како и играта во полето, а неизвесноста траеше до 16:18. Со серија од 1-6 Работнички го затвори сетот со 19:25, и направи пресврт, 1:2.

Делуваше дека искуството кое го имаат одбојкарките на Работнички Скопје во финалните серии ќе биде пресудно во овој дуел, но Наковски Волеј не мислеше така. Иако скопскиот тим имаше предност од 11:14 во четвртиот сет, одбојкарките на Хари Наковски ја смирија играта и ги намалија грешките што им помогна да изедначат на 16:16, а потоа и со фантастична серија да поведат со 23:16 и веднаш да ја искористат сет топката и со 25:17, да изедначат на 2:2, а победникот да се решава во тај-брејк.

Тај-брејкот беше приказна за себе. Работнички Скопје влезе сигурно, самоуверено и со комотни 3:8 на промената на страните. Несфатливо го загубија ритамот гостинките, додека Наковски Волеј со серија од 8-0 дојде до предност од 11:8. По двата тајм-аути на Душко Деспотовски, конечно Работнички Скопје излезе од кризата (11:10). Струмичанки имаа 13:10, односно 14:11 во пресрет на финишот и ја искористија дури четвртата сет-меч топка, 15:13.

Одличните Ива Стојкоска и Мила Долгурова со по 17 поени го предводеа Наковски Волеј, следени од Сара Марковиќ со 15, Ивана Милева со 13, како и Љиља Ковачевиќ со 12 поени.

Во редовите на Работнички Скопје, Тамара Стојанова со 20 поени беше најефикасен играч на мечот, додека Андротеа Милевска реализираше 11, а еден помалку имаа Антонија Баталаковска и Марија Василевска.

Вториот натпревар од финалната серија се игра в четврток од 18 часот, на теренот на Работнички Скопје, во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

ПретходноЈетон Беќири: Недозволиво е Шкендија да прима вакви голови, јасно дека одговорноста е моја!
СледноПелистер му одржа лекција на МЗТ Скопје среде Аеродром!