Екипата на Пелистер полека но сигурно пролетва го поправа впечатокот. По очајната есенска полусезона, битолчани како така стигнуваат до она што го посакуваат, а тоа е доволно бодови на контото за да обезбедат опстанок.
Тренерот Мане Секуловски ги презема нештата во свои раце, и откако пристигна тој нештата се поинакви. На последните пет меча доживеан е само еден пораз, а освоени се доста бодови против екипи како Шкендија, Вардар…
Но и против директните ривали, Македонија ЃП, и Брера. Покрај тоа што мораше да се соземе Пелистер во навалните редови, да почне да постигнува голови, одбраната исто така мораше да го подигне нивото.
А тука? Тука име број еден во моментов е голманот Андреј Јовчевски. Момчето кое што со 22 години веќе извесно време е стандарден на голот на Пелистер и кој што е најзаслужен што битолчани го поправаат впечатокот во моментов.
Бранеше одлично во Тетово против Шкендија, „одбрани“ бод и против Вардар на домашен терен, стабилен и сигурен против Македонија ЃП, за да во Струмица против Брера изминатиот викенд биде ТОП.
Одбрани пенал во клучните моменти од мечот. Кога Пелистер водеше, и кога тоа водство требаше, мораше да се задржи. Јовчевски сконцентриран, сигурен ја процени страната каде што ќе шутира Филип Михаилов. И одбрани.
Пелистер до крајот на шампионатот има уште гостување кај Работнички, домашен дуел против Шкупи, последен дуел надвор од Битола против Тиквеш во Кавадарци, за да се финишира против Башкими на „Петар Милошевски“.
Андреј Јовчевски има задача да „командува“ со дефанзивата на Пелистер уште четири мечеви, а потоа да размислува и за понудите кои што веќе пристигнуваат на негова адреса. Некогашниот младински репрезентативец на Македонија, тивко прераснува во еден од најквалитетните чувари на мрежата во нашиот шампионат, и за многу бргу можно е да го видиме во некој друг клуб надвор од ПМФЛ првенството.















