Над 2000 учесници од 16 земји беа дел од 10. јубилејно издание на трката, која уште еднаш го претвори главниот град во центар на спортот, енергијата и заедништвото.
Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски од АК „Скопски маратон“ триумфираше со нов државен рекорд на 10 км на пат, постигнувајќи време од 29 минути и 34 секунди во машка конкуренција на 10. јубилејно издание на традиционалната трка ХалкЕко Скопје трча 10км, соборувајќи го досегашниот резултат од 29,50 минути. Победничка во женска конкуренција е Греша Бакрачи од Косово, која мина прва низ целта со постигнато време од 35 минути и 18 секунди.
Во одлична атмосфера, силен натпреварувачки дух и со голема поддршка од граѓаните, денес успешно се одржа HalkEco Skopje Run 10K, настан кој уште еднаш го претвори главниот град во центар на спортот, енергијата и заедништвото. Над 2000 учесници од 16 земји настапија на годинaшното издание на трката, која се одржа по улиците на Скопје, со старт и цел на бул. Илинден, во близина на фонтаната „Лотус“. Трката и оваа година го потврди својот меѓународен карактер и статусот на еден од најзначајните атлетски настани во земјава.
Во машката трка втор на целта пристигна Димитар Илиев од атлетскиот клуб „Олимп“ со резултат 32,27 мин., додека трет беше Муџахед Мислими од АК „Ускана“ со време од 32,49 мин.
Во женска конкуренција второпласирана беше Србинката Теодора Симовиќ (36,44 мин.), а третото место го освои македонската атлетичарка Фросина Михајловска од атлетскиот клуб „Аеродром“ со време 40,30 мин. Освојувачите на првите пет места во машка и женска конкуренција добија парични награди, а со дипломи и пехари беа наградени освојувачите на првите три места во возрасните категории: од 35 до 44 години, од 45 до 54 год., и 55+ год.
„Горди сме што и оваа година имавме трка со висок организациски квалитет, одлична енергија и голем број учесници од земјата и странство. HalkEco Скопје Трча 10 км
продолжува да расте и да се развива како сериозен меѓународен спортски настан кој го обединува Скопје,“ изјави Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.
Трката е сертифицирана од AIMS (Association of International Marathons and Distance Races), што ја потврдува нејзината организациска и натпреварувачка вредност и ја позиционира како релевантен атлетски настан во регионот.
Покрај спортскиот сегмент, овогодинешното издание донесе и дополнителна енергија долж целата траса, со музички точки, DJ сетови и програма за учесниците и посетителите по завршувањето на трката. Голем интерес предизвика и eCrowd иницијативата „Срце чиста 10ка“, преку која учесниците имаа можност доброволно да донираат средства за оние на кои им е најпотребна помош.
„Оваа трка одамна не е само спортски настан. Таа стана дел од урбаната култура на Скопје и симбол на заедништво, спортски дух и позитивна енергија. Благодарни сме на сите учесници, институции, партнери, волонтери и граѓани кои беа дел од ова издание,“ додаваат организаторите.Организатор на ХалкЕКо Скопје Трча 10 км е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со атлетските клубови Скопски Маратон и Работнички, со поддршка од Министерството за внатрешни работи. Насловен спонзор на трката е Халк Банка, а покровители се Министерството за спорт и Град Скопје, заедно со бројни партнери и поддржувачи.
Насловниот спознор Халкбанк Скопје ги изненади учесниците со даунов синдром и телесна попреченост и објави дека ќе додели вредносни ваучери за сите нив, а најави и нова соработка со Дарио Ивановски.
HalkEco Skopje Run 10K уште еднаш покажа дека Скопје знае да трча – со енергија, со страст и во еден заеднички ритам.












