Александар Васоски со вчерашната победа со Силекс во Купот на Македонија можеби ја осигура и титулата тренер на годината во Македонија со оглед на тоа дека од невозможното направи возможно. Како голем аутсајдер стигна до големиот пехар и до подвиг со кој на клубот од Кратово му донесе нов пехар во полните витрини од минатото. Лани до крај се бореше за шампионската титула, а оваа сезона фрли се на една карта – Купот на Македонија.
По неколку години Васоски освојува пехар со оглед на тоа дека тој има и шампионски прстен со Вардар и тоа оној последниот на „црвено-црните“ од пред 6 години. Вардаровата легенда уште еднаш ги докажа своите тренерски квалитети, а не само победата во Купот. Неговиот тим игра добар фудбал, убав фудбал за око и фудбал на гол повеќе.
И сега се поставува прашањето…
Зарем Александар Васоски не е вистинскиот профил на тренер за наследник на Гоце Седлоски на клупата на Вардар ако веќе тренерот кој ја освои титулата продолжува како селектор? Да се игнорира Васовски, а да се носи непроверен тренер од Аргентина… и тоа за многу висока плата, со многу спорни аргентински фудбалери во ростерот!?
Не мириса на арно ама времето ќе покаже. Каролина и хаосот по славјето во Струга, барем засега не го „спаси“ Вардар! Докторски меч на финалната пресметка. Само така и никако поинаку Силекс можеше да и се спротистави на Шкендија во финалната пресметка од Купот на Македонија. Со затворена игра, брзи контри, покриени крила на противникот и чекањето на грешка!
А грешката дојде во 71, минута, по киксот измена на Јетон Беќири кој направи ротации на стоперските места и следеше спринтот на Додев, асистенцијата до Алиќ и голот вреден пехар, титула и Европа за Кратово и Силекс.
Александар Васовски „докторираше“ на финалето. Му одржа час по фудбал на успешниот Јетон Беќири и стана еден од ретките тренери во земјава кој има освоено шампионска и тутула во Купот на Македонија со два различни тима. А ќе има Васоски уште многу титули пред себе… Неговото време доаѓа, ова е само почетокот кој е преуспешен.
Ќе остане во Силекс!? „НЕ“ за понудата од Струга ТЛ
Голема е веројатноста дека Александар Васоски ќе остане на клупата на Силекс и покрај тоа што неговиот договор со екипата од Кратово истекува по крајот на сезоната. Ако не е добар за Вардар, некои други екипи се обидуваат да го добијат неговиот потпис.
СпортСпорт дознава дека Струга Трим Љум имала понуда до Васоски, но истата е одбиена. Успесите со Силекс не се случајни но и доказ дека Васоски добро знае да работи со младите фудбалери. Можеби токму тој е идеално решение за селектор на младата репрезентација на која и се случува фијаско со Горан Станиќ и „екипата“ како предводници на нашите надежи.
Можеби…иако има кој да му ја мисли…










