Екипата на Бадел 1862 е нов државен првак во М12 лигата во женска конкуренција. Во финалниот натпревар, најмладата генерација на „баделки“ излезе како победник против екипата на Вардар со 44:40.
Максимално изедначено одиграа двата финалисти во оваа конкуренција. Особено тоа се однесува на второто полувреме. На крајот одлучија четирите поени кои ги реализираа гостинските кошаркари во последните шеесет секунди од играта.
Нерешените (40:40), Бадел 1862, со поените на Серафимовска и Трајковска ги претвори во триумф (44:40), кој им го носи победничкиот трофеј и златните медали како најдобри во М12 лигата.
Претходно Бадел 1862, предводен од одлично расположената Серафимовска, се стекна со висока позитива (22-9), уште во првата четвртина. Но младите „вардарки“ се вратија во втората, која ја решија во своја корист со (14-2), за на полувремето резултатот да гласи (23:24).
Бадел 1862 го доби третиот дел од играта кој беше и најмалку ефикасен (9-6), што се покажа и како решавачко во крајниот епилог на ова финале во која Серафимовска реализираше 26 поени за екипата-победник, а Саздовска додаде девет поени.
Во екипата на Вардар на која и припаѓаат сребрените медали, Чулиќ постигна 12 поени, Наумовска имаше девет, а Цветковска осум поени. Претходно во натпреварот за третото место, убедлива победа на екипата на Струга 2009 во која за противник го имаа составот на Петровски од Битола (41:25), доволна за бронзените медали на финалниот турнир во М12 конкуренцијата.










