Два македонски одбојкарски селекции во јуниорска конкуренција ова лето ќе имаат квалификациски натпревари. Станува збор за селекциите до 20 години во машка и во женска конкуренција, кои во август во Софија и Сараево ќе бидат дел од балканските првенства кои ќе ја имаат и улогата на Зонски квалификации.
„Овие две репрезентации се нашиот фокус меѓу младите репрезентации ова лето. Јуниорите ќе одат во Софија каде ги чека силен турнир од балканското првенство, воедно и Зонски квалификации за ЕП, додека јуниорките ќе бидат во Сараево на ист таков шампионат. Во следниот период ќе бидат одредени и селекторите на двете репрезентации и комплетниот план за собир и подготовки“, вели генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија, Филип Деспотовски.
Годинешните балкански првенства кои ќе ја имаат улогата на Зонски квалификации за ЕП ќе бидат уште посилни поради тоа што Европската одбојкарска конфедерација кон ова балканско друштво ги приклучи и селекциите на Русија и Белорусија.










