Настапот во Европската лига 2026 за женскиот национален тим на Македонија завршува викендов пред домашната публика, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, кога ги пречекуваме Хрватска и Словенија.
Македонија по четири загубени натпревари на претходните два турнири е на последното 24. место во генералниот пласман во Евролигата, додека Словенија во Скопје доаѓа како второпласирана, со четири победи без загубен сет, додека Хрватска е на 13. место со два добиени и два загубени натпревари досега.
Со сите промени и во стручниот штаб и во играчкиот состав, но и фактот дека Европската лига од оваа година добива на поголема тежина како квалификациски циклус за ЕвроВолеј 2028 јасно беше дека нашите одбојкарки ги чека тежок предизвик. Репрезентативките веруваат дека периодот од месец дена колку што се заедно носи позитивни промени и ветуваат дека ќе го остават срцето на терен во последните дуели кои ги играат пред домашната публика.
„Во последниот турнир од овој циклус се соочуваме со две квалитетни репрезентации, а нивните резултати во досегашните натпревари го потврдуваат тоа. По повеќе од еден месец поминати заедно успеавме да се адаптираме едни на други и да создаме екипа која на терен игра како едно. Стручниот штаб поставува тактика, а на нас е да го испочитуваме договореното и тоа да го покажеме на овие два натпревари. Како и досега, можам да ветам дека ќе го дадеме максимумот и ќе оставиме срце на терен. Дополнително, играме пред нашата публика, што ни претставува уште поголема мотивација да се покажеме во најдобро светло и да ја направиме Македонија горда“, заклучува коректорот Андротеа Милевска, која со 24 поени во досегашните четири натпревари е прв поентер во националниот дрес.
Настапот пред домашната публика во третиот викенд од Европската лига Македонија го започнува вечерва, 19 часот, кога во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се соочи со Хрватска. Утре, Македонија е слободна, додека Хрватките играат со Словенија, додека в недела нашите одбојкарки против Словенија го заокружуваат учеството во годинешното издание.
Влезот во салата за сите натпревари е слободен, додека националниот сервис ќе врши директен пренос на средбите.










