Од денеска до недела на терените на ТК Југ се одржуваат мечевите од Macedonian Open 2026, турнир кој оваа година е со награден фонд од 30.000 американски долари, а победникот ќе освои 25 поени. Денеска според програмата треба да биде комплетирано последното квалификациско коло, а ќе се играат и мечеви во конкуренција на двојки – 1.коло, а сингл мечевите главен турнир ќе стартуваат утре (среда).
– Овој момент е голем настан за македонскиот тенис и се поклопува со денешниот ден кога на нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа го има својот настап на Вимблдон што е историска важност. На турнирот имаме пет македонски тенисер Калин Ивановски (според пласман) и Амар Хусеиновиќ, Стефан Мицов, Кристијан Јанев и Обрад Марковски. Притоа, мора да напомнам дека во квалификациите имавме 14 македонски тенисери, што значи дека имаме сè поголема бројка наши тенисери кои настапуваат на турнирот, изјави директорот на турнирот Горан Шевченко.
На прес конференцијата беа присутни Калин Ивановски и Амар Хусеиновиќ.
– Големо е задоволството што повторно сум во Скопје, на домашен терен каде во 2023 победив на фјучрс турнирот. Во добра форма сум и претходната недела ја завршив со финале во Загреб, а тоа ми беше прв турнир по 11 месеци. Важно е што добро се чувствувам и добро сум физички подготвен. Воедно ги повикувам сите за поддршка на утрешниот меч против првиот носител Андреј Чепелев, изјави Калин Ивановски.
Уште еден од Дејвис куп репрезентативците на Македонија, Амар Хусеиновиќ истакна:
– Среќен сум што повторно ќе настапам на Macedonian Open. Би ги повикал сите кои можат да дојдат и да ни дадат поддршка на сите македонски тенисери.
Според програмата во сабота се планирани сингл полуфиналните дуели, како и финалето во двојки, додека последниот ден е недела кога ќе се игра финалето во сингл.
Од утре до петок почетокот на мечевите е во 9:30 часот, а влезот е слободен.










