Ѓоревски: Го враќаме европскиот сјај на МЗТ – набрзо ќе ги затвориме и сите наследени долгови!

124

МЗТ Скопје Аеродром по 25 години повторно ќе настапува во европско натпреварување под капата на ФИБА, а освојувањето на домашните трофеи останува приоритет. Во клубот се убедени дека е дојдено време да се направи исчекор и да се врати европскиот сјај кој некогаш беше заштитен знак на „сино-белите“.

За амбициите, формирањето на тимот, младинската школа и иднината на клубот, интервју за клупскиот веб-сајт даде извршниот директор, Филип Ѓоревски.

МЗТ Скопје повторно ќе игра во Европа по четврт век. Колку е важен овој чекор за клубот?

„Играњето во Европа ми беше желба уште од првиот ден кога дојдов во клубот. Летово конечно се поклопија сите услови за да го реализираме тој план и решивме да го прошириме нашиот видик со настап во ФИБА Еврокупот. МЗТ Скопје, како најтрофеен и најдоминантен македонски кошаркарски клуб во последните 15-тина години, има обврска да ја претставува Македонија и на европската сцена.

Освојувањето на домашните трофеи секогаш ќе биде наш примарен приоритет, но истовремено сакаме повторно да ја вратиме атмосферата која некогаш владееше во „Јане Сандански“, кога во Аеродром гостуваа европски клубови како Реал Мадрид, Улм, Порто или Бенфика. Верувам дека ова ќе биде дополнителен мотив за нашите навивачи, симпатизери, но и за сите љубители на кошарката да дојдат во салата и да ни помогнат да оствариме што подобар резултат.“

Какви се очекувањата од групата во ФИБА Еврокупот?

„Добивме исклучително интересна група, која воопшто не е лесна. Ќе играме против екипи од земји кои редовно имаат свои претставници на големите европски натпреварувања, што доволно зборува за квалитетот што нѐ очекува. Никого не потценуваме, но истовремено веруваме во сопствените можности и ќе се обидеме достојно да го претставиме клубот и македонската кошарка.“

Паралелно се работи и на создавање на новиот тим. По што ќе се разликува МЗТ Скопје оваа сезона?

„Работиме напорно за да формираме квалитетен состав во кој ќе има вистински баланс помеѓу искуството и младоста, дополнет со квалитетни и перспективни странски кошаркари кои ќе се вклопат во нашата визија.

Продолжувањето на соработката со Дамјан и Војдан Стојановски ни значи многу, не само поради нивниот квалитет на теренот, туку и поради нивното лидерство и човечки вредности. Во исто време ги вративме репрезентативците Лука Стојановски и Никола Василевски, кои носат дополнителна енергија и потенцијал, а договорени сме уште неколкумина кои наскоро ќе ги официјализираме.

Секој ангажман е темелно анализиран. Нашата цел не е само да собереме квалитетни индивидуалци, туку да создадеме тим кој ќе функционира како хомогена целина, во кој секој ќе ја знае својата улога. Истото важи и за странските кошаркари, бидејќи сакаме да избегнеме некои грешки што сме ги правеле во минатото.“

Промени има и во младинската школа, каде што координатор стана Саша Димитријевиќ. Колку е значаен овој потег?

„Саша Димитријевиќ е човек кој практично целата своја кариера ја посвети на развојот на младите кошаркари. Неговото искуство е огромно и сакаме максимално да го искористиме, не само за работа со нашите таленти, туку и за едукација на тренерите во младинската школа.

Нашата цел е младинскиот погон повторно да биде фабрика за играчи за првиот тим. Тоа е најздравиот, но и најисплатливиот модел за создавање конкурентен клуб кој долгорочно ќе продолжи да доминира на домашната сцена.“

Веќе пет години сте на чело на клубот. Како гледате на периодот што е зад вас?

„Кога ја презедовме одговорноста, затекнавме исклучително тешка финансиска состојба. Наследивме огромни долгови и навистина се чинеше дека нема крај на проблемите. Но, тоа не нѐ поколеба. Напротив, работевме паралелно – го градевме тимот, освојувавме трофеи и истовремено ја стабилизиравме финансиската состојба.

Сега можам да кажам дека клубот од година во година е финансиски посилен и постабилен. Убеден сум дека не е далеку денот кога целосно ќе ги затвориме сите обврски наследени од минатото и ќе можеме да кажеме дека МЗТ Скопје функционира на здрави основи.

Секако, ништо од ова немаше да биде возможно без огромната поддршка од Општина Аеродром и нашите спонзори. Нивниот број постојано расте, што е доказ дека нашата работа, амбиција и визија се препознаваат и во бизнис-заедницата. Тоа ни дава дополнителна обврска да продолжиме уште посилно.“

Новата сезона за МЗТ Скопје Аеродром официјално ќе почне во средината на август, кога шефот на стручниот штаб Васко Атанасов ќе ја означи првата прозивка и стартот на подготовките за предизвиците што ги носат домашната сцена и европските натпреварувања.

ПретходноФИФА има проблем: Мундијалот во 2034 година ќе мора да се одржи во 2035 година?
СледноМакедонија повторно ќе бара вајлд-карта за Лига на шампиони, но ќе има две места во Европската лига