ФИБА ги издвои македонските рекордери пред стартот на Евробаскетот во Скопје и Гевгелија

244

Само неколку дена пред почетокот на ФИБА Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 16“ години, кое од 6 до 15 август ќе се игра во Скопје и Гевгелија, ФИБА се потсети на најзначајните рекорди во историјата на ова натпреварување.

Меѓу носителите на историските достигнувања се наоѓаат и двајца македонски репрезентативци.

Ненад Димитријевиќ и понатаму е лидер на вечната листа на асистенти во историјата на ФИБА У16 Евробаскетот од Дивизијата „Б“. Со вкупно 94 асистенции, остварени на шампионатите во 2013 и 2014 година, актуелниот македонски сениорски репрезентативец сè уште е недостижен во оваа статистичка категорија.

На вечните листи високо котира и Кристијан Николов. Со 207 постигнати поени, тој се наоѓа на второто место на листата на најдобри стрелци во историјата на натпреварувањето. До овој учинок стигна на Европското првенство во 2012 година, кога во просек реализираше дури 25,9 поени по натпревар, што и денес претставува едно од најимпресивните индивидуални изданија на кадетските Евробаскети.

Во пресрет на новото издание на шампионатот, кое повторно ќе се одржи во Македонија, овие рекорди се уште една потврда дека македонската кошарка оставила силен печат во историјата на европските младински првенства. Новата генерација македонски кадети ќе има можност токму пред домашната публика да ја продолжи таа традиција и да испише нови страници во историјата на европската кошарка.

Дел од историските факти на македонските репрезентативни имиња

*На шампионатот во 2012 година во Романија, Македонија заврши на седмото место, а покрај Кристијан Николов, во Топ 5 стрелци беше и Андреј Магдевски, кој постигна 161 поен (20,1 поен по натпревар).

*Кристијан Николов беше најдобар стрелец на Европското првенство во 2012 година, со просек од 25,9 поени по натпревар, а неговите 207 поени и денес го држат на второто место на вечната листа на сите времиња во Дивизијата „Б“.

*Ненад Димитријевиќ својот рекорд од 94 асистенции го постави на две последователни европски првенства (2013 и 2014), што е најдобар резултат во историјата на натпреварувањето.

*Во историјата на ФИБА У16 Евробаскетот од Дивизијата „Б“ само двајца македонски кошаркари се наоѓаат меѓу носителите на историските индивидуални рекорди – Димитријевиќ како лидер во асистенции и Николов како втор стрелец на сите времиња.

*Европското првенство во Скопје и Гевгелија ќе собере 22 репрезентации, кои ќе се борат за трите места што водат во Дивизијата „А“ за 2027 година.

ПретходноМакедонија повторно домаќин на европската младинска кошарка
СледноУжас: Во сон почина ММА борецот Алан Насцименто!(ФОТО)