РК Алкалоид продолжува со напорна работа во Маврово за новата сезона во македонскиот ракомет и на меѓународната сцена. Со тројца нови играчи во тимот како додадена вредност, тимот ќе игра за што подобри резултати во Македонија и што подобра афирмација на македонскиот ракомет надвор од границите.
Капитенот Игор Ѓорѓиев повторно ќе биде дел од екипата која оваа сезона покрај домашните обврски, ќе игра и натпревари во Европскиот Куп на ЕХФ и новоформираната Регионална лига.
„Се чувствувам индивидуално одлично, тимот е во една позитивна енергија. Се работи напорно. Трениравме две недели во Скопје, сега сме во Маврово. Тој период ќе гледаме да го искористиме што подобро да се воиграме. Имаме тројца нови играчи, искусни со многу натпревари во нозете и сигурно ќе бидат додадена вредност на екипата. Ланската сезона за нас беше тешка од повеќе аспекти, но тоа е минато, со чисти глави и позитивна енергија, одиме во следните предизвици. Треба да научиме од минатото, работиме напорно за предизвиците кои ни претстојат. Македонската лига од година во година е посериозна, има квалитетни екипи, сите носат играчи, посебно екипите од „големата четворка“. Ни следи интересна сезона. Имаме добар тим, ќе играме на четири фронта, ќе се трудиме за резултати на сите натпревари до самиот крај“, изјави Ѓорѓиев.










