Многу голема е веројатноста дека хрватскиот стратег Марио Цвитановиќ ќе биде новиот тренер на ФК Вардар. „СпортСпорт“ од сигурни извори дознава дека во завршна фаза е акцијата за ангажирање на познатиот тренер на клупата на првакот на Македонија, откако истата остана празна по заминувањето на очајно лошиот Аргентинец Кристијан Фабијани.
Новиот тренер на клупата на „црвено-црните“ би требало да биде потврден до крајот на оваа недела, а во меѓувреме со екипата ќе раководат асистентите кои останаа, а беа дел од стручниот штаб на веќе заминатиот тренер. Но, со Цвитановиќ доаѓа и комплетно нов стручен штаб, со оглед на тоа дека постоечкиот и не е баш така стручен, ако се земат предвид резултатите и подготвеноста на екипата.
Она што треба да се знае е тоа дека „надворешни“ фактори му бараат соодветен тренер на ФК Вардар, со оглед на тоа дека актуелното раководство, по киксот со Фабијани, летните подготовки, но и засилувањата, е доведено во ситуација да биде „безгласна буква“ и да мисли само на сопствените примања од касата на клубот, која се полни од спонзори кои, исто така, се донесени од „надворешните“ фактори.
Останува времето кое следи да ја потврди нашата информација или да се донесе некое друго решение, со оглед на тоа дека во ФК Вардар се понудени дваесетина тренерски имиња.
Кој е Марио Цвитановиќ!? Легенда на Динамо, лани беше во Сараево
А сега малку и за Марио Цвитановиќ. Тој е фудбалска легенда на Динамо Загреб, клуб за кој како фудбалер има одиграно над 100 натпревари и клуб каде што бил тренер во 2017/18 година. Како играч, Цвитановиќ покрај Динамо има играно и за екипите на Верона, Наполи, Венеција, Џенова и Енерџи Котбус, а како тренер, покрај клупата на екипата од Загреб, бил и шеф на струката во Шибеник и Локомотива, а лани му беше тренер на Стефан Ристовски во Сараево.
Како фудбалер во Динамо играл заедно со Гоце Седлоски. И тука сè е кажано…















