„Чест ми е што го носам дресот на Македонија“

210

Одличен трансфер направи младиот Дитмир Хоџа, кој лани беше член на Работнички, екипа која испадна во Втората лига на Македонија, а од вчера е дел од Лидс јунајтед од Англија. Од дното до небесните височини за момче кое со само 18 години добива прилика да експлодира на фудбалски план.

Младиот стружанец го сонува својот сон и се надева дека со трансферот во Лидс ќе му биде полесно да ги докаже своите високи квалитети. Робусниот голгетер ги има сите перформанси за да успее на Островот. Замина во клуб кој им дава шанса на младите фудбалери, а само еден ден по потписот, нашиот млад репрезентативец го даде и своето прво интервју за медиумите од Островот.

„Многу сум горд што сум играч на Лидс јунајтед. Знам дека Лидс е огромен клуб со неверојатни навивачи и големи амбиции. Ветувам дека сум вреден, енергичен и секогаш давам 100 проценти за тимот. Уживам во тренинзите и сакам да помогнам на екипата да има одлична сезона“, се зборовите на младиот Хоџа.

Дитмир не е првиот фудбалер од Македонија кој ќе го носи дресот на Лидс јунајтед. Во минатото, со успех и како миленик на публиката во овој клуб настапуваше и Езџијан Алиоски. Нормално, Англичаните не го забораваат, а Хоџа не заборави да им каже од каде доаѓа.

„Да, многу ми се допаѓа Алиоски. Тој е многу страствен и вреден играч. Исто така, играњето за мојата земја ме прави многу горд. Претставувањето на Македонија е огромна чест за мене!“.

Дитмир Хоџа ги започна тренинзите со младинскиот тим на Лидс и се надева дека многу брзо ќе биде приклучен и кон сениорскиот тим. Тој потпиша четиригодишен договор со екипата од Премиер-лигата!

 

ПретходноЃоковиќ призна дека бил повреден од една реакција: Почувствував горчина (ВИДЕО)
СледноКузманов: Играчите се најзаслужни за победата, благодарност до фановите!