Мозес Рајт е новото дополнување во ростерот на македонската сениорска репрезентација пред она што следува – важниот натпревар со селекцијата на Австрија, кој на 30 август ќе се одигра во Виена.
Новиот центар на Олимпија Милано пристигна во Скопје со јасна цел – во краткиот период на подготовки да се вклопи во системот на селекторот Хозе Мариа Берокал и да му помогне на националниот тим во она што следува.
Рајт веднаш му се стави на располагање на стручниот штаб и учествуваше на првиот официјален тимски тренинг во „Т Арената“.

Иако за првпат работи со поголемиот дел од репрезентативците, неговиот пристап и професионалност уште од стартот се на високо ниво. За македонската селекција неговото присуство претставува дополнителна опција во рекетот, особено во пресрет на гостувањето во австриската престолнина.
Американскиот центар е позитивно изненаден од начинот на кој бил примен во националниот тим. Вели дека атмосферата и односот на соиграчите му овозможиле брзо да се чувствува како дел од екипата.
„Работиме заеднички за средбата која ни следи. Ми се допаѓа тимот и начинот на кој сум прифатен во репрезентацијата, веќе тренирам како да сум Македонец подолго време. Чувството е одлично да се биде дел од овој тим.
Од екипата што ја имаме на располагање го познавам Ненад Димитријевиќ од настапите во Евролигата, но добро тренираме со другите. Имаме уште неколку тренинзи да се запознаеме и воиграме на начинот на кој посакуваме“, вели Рајт.
Новиот член на македонскиот национален тим е свесен дека времето за подготовка е ограничено, но истовремено смета дека токму заедничката работа на тренинзите ќе биде клучна за исполнување на замислите на стручниот штаб.
Во однос на противникот, Рајт очекува сериозна задача во Виена. Австрија направи одредени промени во составот, но според него и понатаму располага со квалитетни кошаркари, особено со млади играчи кои можат да претставуваат сериозна закана.

„Нам ни следи дуел со Австрија, имаат некои измени во ростерот, но постојат млади играчи кои се доста квалитетни. Не би сакал премногу да откривам за нив и планот што ни го презентира нашиот тренер за нивната игра. Потребно е ние да се придржуваме кон советите кои ни ги даде нашиот селектор, со цел да имаме успех“, додава Рајт.
До заминувањето за Виена остануваат уште неколку тренинзи, во кои фокусот ќе биде ставен на деталите, тимската игра и подготовката за противникот.
Целта е јасна – максимално подготвена Македонија да го дочека дуелот на 30 август и во Виена да се обиде да стигне до резултатот што го посакува.









