Агон Елези: Фокусот е само на Швајцарија, веруваме дека можеме до позитивен резултат

60
Фото: ФФМ

Македонската А репрезентација го имаше првиот собир и вчера го одработи првиот тренинг во пресрет на новиот циклус од Лигата на нации. Нашата селекција во Лигата Б ја очекуваат четири натпревари против Швајцарија, Словенија и Шкотска.

На репрезентативниот собир дополнително се приклучија Столе Димитриевски, Езџан Алиоски, Елмин Растодер и Христијан Малески. Дарко Чурлинов поради административни проблеми поврзани со неговиот престој во Полска нема да биде во можност да настапи на претстојните натпревари.

Првиот предизвик за избраниците на Гоце Седлоски е дуелот со Швајцарија на 26 септември во Скопје, по што следуваат гостувањето кај Словенија на 29 септември, гостувањето кај Швајцарија на 6 октомври во Луцерн и натпреварот против Шкотска на 3 октомври во Скопје.

Во пресрет на првиот натпревар, Агон Елези, кој во одлична форма настапува во дресот на Сараево, истакнува дека фокусот на репрезентацијата во овој момент е целосно насочен кон Швајцарија.

„Најпрво, огромно е задоволството и привилегијата повторно да се биде дел од оваа репрезентација, од оваа фантастична група. Вистина е дека не очекуваат четири многу тешки натпревари, но моментално за нас постои само еден, тој во сабота против Швајцарија. Сите ги знаеме нивните квалитети и ние мораме да се фокусираме само на себе, да не правиме грешки, затоа што секоја наша грешка може многу да не чини.

Швајцарија покажа на Мундијалот дека е во сериозна форма и дека има сериозни квалитети во секој поединец. Но, ние треба да се фокусираме на себе и да имаме доверба дека можеме да направиме позитивен резултат. Така и ќе влеземе во натпреварот. Најбитно на претходните натпревари беше да се запознаеме со новиот стручен штаб, со новите играчи и со новите идеи. Сметам дека ни донесоа многу и дека научивме многу.

Најважно беше да направиме добра атмосфера меѓу нас, меѓу играчите, а тоа и се покажа. Сите сме во добра атмосфера, имаме добра кохезија и сега само тоа треба да го пренесеме на теренот, почнувајќи од сабота.“

Натпреварот Македонија – Швајцарија се игра на 26 септември со почеток во 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

ПретходноИнтересно: Букираните хотели во Сент Гален ја “избркаа“ Швајцарија на подготовки во Белек (Турција)
СледноВинисиус беше на работ на трансфер: Еве каде требаше да заврши!