Андонова: Моите родители се вистинските херои, а Македонија ми е во срцето иако не сум дел од репрезентацијата!

65
Фото: Приватна архива на Наташа Андонова

✍Огнен Чак Дојчиновски

Уште една женска спортска приказна раскажана од СпортСпорт. Уште една убава спортска, во случајов фудбалска бајка, која што имаше скромни почетоци во Неготино и Велес, за да стигне до големите Париз и Барселона. Не, не се работи за некоја непознаница, туку за нашата, сакана, ценета и прекрасна Наташа Андонова. Најдобрата фудбалерка на Македонија, која што со години го оди фудбалскиот пат на највисока можна сцена.

⚽Кариера каква што само може да се посака. Една од најголемите во Европа. А сепак, Наташа скромна, питома, широкограда како и секогаш.

„Со задоволство прифаќам да бидам дел од „семејството“ на Женски Спортски Приказни. Имам меч од Лигата на шампионите, и тоа на гости, но ќе најдам време да одговорам на прашањата“, ни рече Андонова и во миг одговори на серија теми на кои што сакаме да дознаеме нешто повеќе.

⚽Стартуваме, се знае од каде. Од нејзиното Неготино, од првите фудбалски почетоци….

„Кога ќе погледнам назад, мислам дека најинтересно е што јас на почетокот воопшто не размислував за кариера. Јас едноставно сакав да играм фудбал. Тоа беше нешто што ме правеше среќна и во што се чувствував своја. Како девојче, нормално, се среќавав со коментари од типот „фудбалот е за машки“, но мене тоа никогаш не ми звучеше како причина да престанам. Напротив, можеби уште повеќе ме тераше да покажам дека можам. Пресвртот дојде кога почнав да сфаќам дека не се работи само за тоа што јас го сакам, туку дека можам да бидам добра на ниво кое може да ми отвори врати. Репрезентацијата, младинските турнири и потоа првиот сериозен чекор во странство ми покажаа дека фудбалот може да биде мојата професија. Мислам дека најголемиот талент што го имав не беше само тоа што можев да играм фудбал, туку што никогаш не се плашев да сонувам поголемо“, вели Андонова.

⚽Таа и нејзината сестра Сијче, која што исто така беше доста талентирана, многу млади беа забележани и следуваше сензационалниот трансфер во германскиот женски фудбалски гигант Турбине Потсдам од Берлин.

„Турбине Потсдам беше еден од најголемите пресврти во мојот живот. Заедно со мојата сестра заминавме во Германија, а кога денес ќе се навратам на тој период, сфаќам колку голема храброст имале моите родители да нè пуштат мене и мојата сестра заедно, толку млади, во една нова земја и во еден сосема поинаков свет. Можеби тогаш не бевме целосно свесни што значи тоа за нив. Денес сум им бескрајно благодарна. Таа нивна храброст и доверба во нас ми значат повеќе од било кој трансфер. Без моите родители, без нивната поддршка и без жртвата што ја направија за мене, јас денес немаше да бидам личноста и фудбалерката што сум. Затоа, кога некој ќе ме праша кој имал најголема улога во мојот прв трансфер или во мојата кариера, секогаш ќе ги ставам моите родители на прво место заедно со мојата сестра. Тие беа луѓето кои ми дозволија да сонувам и имаа храброст да ми дозволат да го следам тој сон“.

⚽Германија, Шведска, а потоа големите ПСЖ и Барселона….

Наташа Андонова во зенитот на својата кариера, сосема заслужено се најде во еден од најдобрите клубови во Европа. Големата Барселона. По периодот минат во Германија, Шведска, Франција, каде што играше за ПСЖ, одеднаш, таа се најде под ист кров со Меси, Нејмар и Суарез….

„Барселона беше нешто посебно. Не само затоа што стануваше збор за еден од најголемите клубови во светот, туку затоа што во тој период целиот клуб беше опкружен со таа неверојатна фудбалска енергија. Доаѓаш од Македонија, а одеднаш си во Барселона, во клубот во кој играат Меси, Нејмар, Суарез… и сето тоа што си го гледала на телевизија станува дел од твоето секојдневие. Најинтересно е што со текот на времето престануваш да гледаш само имиња и почнуваш да гледаш луѓе и професионалци. Гледаш како работат, колку детали им значат, како се однесуваат кон фудбалот. И мислам дека тоа ми беше една од најголемите лекции: колку и да си стигнал високо, секогаш можеш да учиш од некого. Барселона за мене не беше само трансфер. Беше потврда дека едно девојче од Македонија навистина може да стигне до места кои некогаш изгледале недостижни“.

⚽Напоредно со клупската кариера, која што, ете, како што самите читатели осознаваат, те однесе на самиот врв, се преплете и репрезентативната кариера. Дресот на Македонија е дел од фудбалската, животната приказна на Наташа Андонова, за која што може да се напише и цел роман….

„Репрезентацијата за мене е тема која секогаш ќе биде многу лична. Јас со Македонија сум растела. Таму ги имав првите репрезентативни настапи, таму го носев дресот со гордост и секогаш сум сакала да дадам максимум. Во исто време, со текот на годините имаш различни ситуации, различни луѓе, различни периоди. Имавме несогласувања, разговаравме, најдовме заеднички јазик и повторно играв за репрезентацијата. Затоа не сакам да ја гледам оваа тема како конфликт меѓу мене и репрезентацијата. Ако во одреден момент не сум таму, тоа не значи дека престанав да ја сакам Македонија или дека не ми значи дресот. Мислам дека после толку години имам право да кажам дека сакам работите да бидат поставени со меѓусебно почитување, отворена комуникација и јасни односи. Јас секогаш сум отворена за разговор. А што ќе се случи понатаму, треба да биде резултат на разговор меѓу сите страни, а не на претпоставки или информации преку трети лица“ – искрена е Андонова на прашањето околу националниот тим и зошто повеќе државната „десетка“ не е на нејзиниот грб, па во еден здив и одговара на прашањето како да го подобриме нашиот женски фудбал.

⚽Да престанеме да го гледаме женскиот фудбал како нешто споредно…

„Мислам дека мора да престанеме женскиот фудбал да го гледаме како нешто споредно. Талент има. Тоа никогаш не било проблем. Проблемот е што талентот мора да има систем во кој ќе може да расте. Мора да почнеме многу порано. Подобра работа со младите категории, повеќе тренери кои се специјализирани за развој на девојчиња, подобри услови за тренинг, повеќе натпревари и сериозна структура. Исто така, мора да им дадеме на девојчињата причина да веруваат дека можат да имаат професионална кариера. Јас сум доказ дека може да се излезе од Македонија и да се стигне до најголемите клубови во Европа. Но не треба секоја девојка да мора да ја напушти Македонија за да добие услови за развој. Би сакала еден ден македонското девојче да може да сонува големо, а системот дома да ѝ помогне тој сон да стане реалност“.

⚽Каде се гледа Наташа Андонова по крајот на кариерата… тренер, скаут, менаџер, директор?

„Искрено, не сакам уште да ставам една титула пред себе. Знам дека сакам да останам во фудбалот. Овој спорт ми даде премногу за едноставно еден ден да кажам „заврши“ и да продолжам понатаму. Ме интересира тренерската работа, развојот на млади играчи, менаџментот, скаутингот… и сакам да ги пробам различните страни на фудбалот за да видам каде можам најмногу да придонесам. Но едно знам, а тоа е дека би сакала искуството што сум го стекнала во Германија, Шведска, Франција, Шпанија, Саудиска Арабија и Швајцарија еден ден да можам да го пренесам на некоја следна генерација. Можеби најголемата цел по завршувањето на кариерата нема да биде само што ќе работам јас, туку што ќе успеам да оставам зад себе“, поентира најдобрата македонска фудбалерка, Наташа Андонова.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноМиовски и Атанасов во еден здив: Свесни сме за поразите, но против Шкотска заедно со публиката можеме многу
СледноКошаркарски спектакл во СЦ „Јане Сандански“ во најава!